Македонските граѓани потрошиле 169,2 милиони евра на онлајн купување

Македонските граѓани минатата година потрошиле 169,2 милиони евра на онлајн купување што претставува пораст од 26,5 проценти во споредба со 2018 година, објави денеска Асоцијацијата за е-трговија повикувајќи се на статистичките податоци на Народната банка за безготовински платежни трансакции на виртуелни места на продажба.

Според овие податоци, во текот на 2019 година реализирани се вкупно 6.727.051 онлајн трансакции во земјата и во странство, наспроти 5.435.385 онлајн трансакции во текот на 2018 година што претставува пораст од 23,8 проценти.

Пораст се бележи и од аспект на вредноста, односно лани вредноста на трансакциите реализирани на виртуелните места на продажба во земјата и во странство изнесува 176 милиони евра што е пораст од 26,6 проценти во споредба во 2018 година.

Според Асоцијацијата за е-трговија, податоците покажуваат дека е-трговијата во земјава е во пораст, а зголемената понуда на домашниот пазар успева да ги задоволи потребите на македонските онлајн купувачи со што тие пари остануваат во земјава, а не се одлеваат надвор кон странски онлајн трговци.

– Македонците во текот на 2019 година стекнуваат се повеќе доверба кон е-трговијата и онлајн нарачките, може да се забележи од порастот на бројот и вредноста на трансакциите со домашни картички онлајн, кон домашни и странски онлајн трговци. Имено, во текот на 2019 година македонците со домашни картички потрошиле вкупно 169,2 милиони евра онлајн, што претставува пораст од 35,5 милиони евра (26,5%) во однос на претходната година. Евидентно е дека зголемениот број на новоотворени онлајн продавници во Македонија, а со тоа и поголемата понуда на производи и услуги кои се нудат онлајн од страна на домашните компании, бројот на трансакции кон странски, односно домашни веб продавници е речиси идентичен. Конкретно, 50,2 проценти од вредноста на онлајн трансакциите реализирани со платежни картички издадени во Македонија се одлеале во странство, односно се реализирани кон трговци надвор од Македонија, додека 49,8 проценти од трансакциите се реализирани кон онлајн трговци во Македонија, наведуваат од Асоцијацијата.