Сенатот на Шпанија денеска на пленарна седница го ратификува Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО. Гласањето беше без физичко присуство на сенаторите, поради состојбата со коронавирусот во земјата.
-Со нула гласови „против“ шпанскиот Сенат го ратификува Протоколот. Во име на Владата и сите македонски граѓани изразувам благодарност до Шпанија, шпанскиот Сенат, до министерката за надворешни работи што ова прашање беше ставено на дневен ред во вакви тешки околности и во светот и во Европа и за Шпанија, истакна шефот на дипломатијата Никола Димитров на заедничката-прес-конференција во Владата со шпанскиот амбасадор Емилио Лоренцо Сера.
Димитров потсети дека Шпанија е 29 и последна земја-членка на НАТО што го ратификуваше Протоколот.
-Таа сега ќе го депонира инструментот на ратификација во Стејт департментот, Вашингтон ќе ја испрати информација до НАТО во Брисел и ние и официјално ќе бидеме поканети да го депонираме нашиот инструмент, односно законот за ратификација на Северноатлантскиот договор, кој беше усвоен во Собранието, рече Димитров.
Нагласи дека завршуваме тридеценискиот процес за влез во северноатлантското семејство.
Седницата се одржа со видеолинк, а сенаторите гласаа без физички да бидат присутни во Сенатот, поради состојбата со коронавирусот, со оглед на тоа што Шпанија е во категоријата на високоризични држави. На седницата физички присуствуваше претседателот на Сенатот Пилар Лоп и уште неколкумина.
По ратификацијата во Парламентот во Мадрид се очекува само уште потпис од шпанскиот крал. Протоколот, на 27 февруари доби зелено светло од Долниот дом на шпанскиот Парламент.