Нема новодијагностицирани случаи со коронавирус. Првата пациентка е испишана во сосема добра клиничка состојба. Здравствената состојба на сите 18 пациенти е непроменета, изјави министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција во Владата.
Информираше дека во тек е тестирање на седум лица од кои три од Дебар кои имаат симптоми на грип, двајца пациенти од Штип и двајца на Инфективната клиника кои изминатиот период патувале во Австрија и Германија.
Во Дебар, како што истакна, состојбата е мирна и граѓаните се придружуваат до мерките. – Луѓето покажуваат исклучително висок степен на дисциплина, рече Филипче.
Во овој регион се проширува бројката на луѓе кои се тестираат со цел детално да се скенира состојбата.
– Се проширува бројката на луѓе кои се тестираат. Очекуваме во тек на денов или во тек на утрешниот ден да стигнат меѓу 40, 50 дури и 80 луѓе со цел детално да се скенира овој регион, рече Филипче, додавајќи дека координацијата на здравствените работници во Дебар е добра.
Новина е тоа што Клиниката за психијатрија почнува со психолошка поддршка и оти ќе се ослободи од работа еден од родителите на деца со цистична фиброза. Подготвен е и списокот на лекари, анестезилози и медицински сестри кои би ротирале доколку има потреба.
– Искрено се надевам дека нема да дојде до тоа сценарио да имаме многу пациенти на машина за дишење. На располагање се блузи 440 медицински сестри, 200 анестезиолози од целата држава, подвлече Филипче.
Во 19 часот е закажано нова седница на Владата по што министерот ќе информира за најновите одлуки што ќе бидат донесени.