Евроамбасадорот Жбогар денеска се сретна со кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев. По средбата, Јанчев информираше дека било разговарано на повеќе теми, за повеќето проекти и грантови од Европската Унија кои значат подобар живот за кавадарчани.
Евроамбасадорот изрази задоволство од неколкуте средби во Кавадарци.
– Од градоначалникот денеска имавме можност да слушнеме за неговите планови што тој ни ги презентираше во врска со економскиот развој и за ред други проблеми со кои што се соочува општина Кавадарци, како што е проблемот со загадувањето. Се разбира и дека ние како Европска унија сме присутни во вашата општина преку реализација на многу проекти, рече Жбогар.
Ги спомена проектите за изградба на неколку патишта во општина Кавадарци, неколку други фондови, изградбата на бизнис центарот. Рече дека и во иднина ќе даваат поддршка за општината.
На Јанчев му даде благодарница како признание за сите досегашни, но и за идните проекти што би се реализирале во општината.
Запрашан за коментар на успешната соработка помеѓу градоначалникот кој е од ВМРО-ДПМНЕ и мнозинството во Советот на општината кое го има СДСМ, евроамбасадорот рече дека знае за добрата соработка, а на денешната средба биле присутни и советници од двете опции. Изрази задоволство од таквата состојба на локално ниво, обединување на партиите кога се работи за проекти од општ интерес.
– Мислам дека токму овој пример треба да се види и во другите општини и јас се надевам дека ваков пример на добра соработка би сакале да видиме и на национално ниво, посебно кога се работи за национални стратешки прашања каде што соработката помеѓу двете најголеми политички партии би била повеќе од неопходна, додаде евроамбасадорот.