Владата на Република С. Македонија на својата 17-та седница го разгледа Записникот од состанокот на Координативното тело за прибирање и размена на информации за спроведување на мерките за спречување на појавата, раното откривање, спречување на ширењето и сузбивањето на коронавирус инфекцијата, одржан на 12 март 2020 година, со Листа на дијагнози на хронични состојби и Објаснувањето околу прогласувањето Пандемија од Светската здравствена организација и согласно предлозите изнесени во расправата на седницата, а со цел превенција и ширење на овој вирус, ги усвои следниве заклучоци, мерки и препораки:
1. Согласно утврдените категории на лица кои треба да бидат ослободени од работа и работни активности врз основа на приложена потврда од матичен лекар за следниве состојби: 1) Хронични респираторни заболувања; 2) Тешки кардиоваскуларни заболувања; 3) Дијабет – ТИП1; 4) Малигни заболувања; и 5) Имуно-компромитирачки состојби, ја прифати Листата на дијагнози на хронични состојби добиени во консултација со директорите на Клиниките за ендокринологија, пулмологија, кардиологија и нефрологија и тоа:
1.1. Хронични респираторни заболувања:
– ХОББ – Хронична опструктивна белодробна болест – J44
– Астма – J45
– Интестицијална фиброза – Ј84
1.2. Тешки кардиоваскуларни заболувања:
– Срцева слабост со EF<40
– Акутен миокарден инфаркт до 3 месеци
– Срцеви заболувања со тешка пулмонална хипертензија
– Тешка аортна и митрална стеноза
– Воспалителни заболувања на срце (миокардит, ендокардит) < 6 месеци
– Имплантиран пејсмејкер или срцев дивајс до 3 месеци
– Длабока венска тромбоза до 3 месеци
1.3. Дијабетес мелитус:
– Дијабетес тип I – инсулин зависен
– Дијабетес тип II на инсулинска терапија со коморбидитети: Миокарден инфаркт, церброваскуларен инсулт, стеноза на периферна циркулација и ХБИ
1.4. Сите малигни заболувања – C00-C97
1.5. Имунокомпромитирачки состојби:
– Состојба по трансплантација на бубрег – Z94.0
– Хроничен нефротичен синдром – N04.9
– Интермитентна хемодијализа – Z99.2
– Состојби со биолошка или комбинирана имуномодулирана терапија – M05, M06, M45.00
– Некротизирачки васкулопатии, системски еритематозен лупус, дерматополимиозит, системска склероза – M31 – M34.
2. Да се прекине со работа и да се затворат кината, театрите, игротеки и музеи и сите други институции каде што може да се одржуваат масовни собири, настани или концерти и други културно – информативни настани, односно целосна забрана за одржување и организирање на секаков вид на јавни приватни собири, без оглед на обемот и бројот на учесници за време на овој период.
3. Да се прекине со работа и да се затворат сите спортски објекти или вежбални, каде што може да се одржуваат секаков вид на собири и настани, без оглед на обемот и бројот на учесници за време на овој период.
4. Угостителските објекти, кафетерии, барови, ресторани, клубови, казина и спортските обложувалници да работат со скратено работно време, од 7.00 часот до 18.00 часот, со преполовен капацитет за гости, односно да се задржи минимум неопходно растојание од најмалку еден метар и половина до два метри помеѓу луѓето кои престојуваат во овие објекти.
5. Да се забрани влез на територија на Република С. Македонија на странски државјани од земјите со висок ризик согласно Листата на Светска здравствена организација објавена на веб страницата на Министерството за здравство, освен оние кои ќе достават потврда издадена од надлежен орган за спроведен карантин.
6. Да се спроведуваат препораки за казнивост согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик за сите физички и правни лица кои ги прекршуваат донесените решенија од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат и истите да се процесуираат до Јавното обвинителство на Република С. Македонија за да постапи согласно своите законски утврдени надлежности.
7. Имајќи предвид дека граничниот премин „Рибарци“ во Република Србија од денес, 12 март 2020 година (четврток), од 7.00 часот, е затворен за премин за патници и возила согласно насоките од Владата на Република Србија, сите патници и возила од граничниот премин „Голема Црцорија“ – Голеш (кривопаланечко) во Република Северна Македонија да се пренасочуваат на граничните премини кои се отворени за слободен проток на патници и возила.
8. Имајќи предвид дека граничниот премин Прохор Пчински од 12 март 2020 година (четврток) од 7.00 часот, е затворен за премин за патници и возила согласно насоките од Владата на Република Србија, сите патници и возила од граничниот премин Пелинце во Република С. Македонија да се пренасочуваат на заедничкиот граничен премин со Република Србија, Табановце – Прешево.
9. За сите хронично болни пациенти чија хируршка интервенција претходно била закажана и постои можност, да се одложи, односно да се извршуваат само итни неодложни хируршки интервенции, особено онколошките.
10. Во однос на продолжување на терапијата на хронично болните пациенти кои до сега требало да одат на лекар специјалист, во следните денови да се обратат кај своите матични лекари.
Ова мерка не важи за ново дијагностицираните пациенти.
11. Во однос на новонастанатата ситуација и локалната трансмисија со ширењето на болеста COVID-19 на територијата на општините Дебар и Центар Жупа, се задолжува Министерството за здравство, во соработка со центрите за јавно здравје, да преземе дополнителни мерки за заштита од ширење на овој вирус, односно да се мобилизираат медицинските екипи со епидемиолог од Охрид и еден инфектолог или доктор (или инфектологот кој е во работен однос во бањите Цапа да се стави во служба и за потребите на центрите за јавно здравје).
За овие мерки да се достави извештај до крајот на денешниот ден, со цел Министерството за здравство да објави превентивно соопштение на територијата на општините Дебар и Центар Жупа, за можноста од воведување на карантин.
12. Да се прекине специјализацијата на сите државни специјализанти и супспецијализанти вработени во Здравствен Дом Скопје, во период од 14 дена и истите да се вратат на своите работни места во матичната установа.
13. Се задолжува Министерството за здравство, во соработка со јавните здравствени установи, веднаш да го зголеми капацитетот за потребите на службата за Домашна посета и во истата да се вклучат докторите по општа пракса кои работат под менторство.
14. Се задолжува Министерството за информатичко општество и администрација, во соработка со Министерството за здравство и со телефонските и мобилните оператори, да ја разгледаат можноста за испраќање на циркуларна порака преку мобилните апликации (СМС порака, вибер порака и сл), со препораки особено до помладата популација, за почитување на заклучоците, мерките и препораките во врска со превенција и ширење на болеста COVID-19.
За оваа намена, да се разгледа можноста да се искористи постојната мобилна апликација МОЈ ДДВ.
15. Се задолжуваат АД М-НАВ Скопје и Министерството за здравство да ги преземат следните активности за информирање на учесниците во авиосообраќајот, за мерките и активностите за превенција од ширење на болеста COVID-19 (корона вирус):
15.1. Се задолжува АД М-НАВ Скопје да ги издаде следните НОТАМ пораки :
• NOTAM 1 – Авиокомпаниите, преку својот персонал – екипаж се должни за време на своите летови да ги соберат PLF (Passenger Locator Form) обрасците од патниците, да ги разгледаат и да ги предадат на нивниот агент по пристигнувањето во Република С. Македонија.
Овластениот агент од авиокомпанијата, е должен PLF (Passenger Locator Form) обрасците од патниците, да ги достави до Служба за итна медицинска помош на воздухопловно пристаниште ТАВ ДООЕЛ Македонија – Меѓународен Аеродром Скопје и до медицинска служба на Аеродром „Св. Апостол Павле“ – Охрид, задолжени за следење на мерките и активностите за превенција од ширење на болеста COVID-19 (корона вирус).
Сите патници, членови на екипажот и оперативен персонал при пристигнувањето со авион во Република С. Македонија мора да го пополнат PFL образецот.
Сите PFL обрасци мора да бидат собрани од екипажот, проверени и преброени и да се предадат на агентот веднаш по слетувањето.
• NOTAM 2 – Авиокомпаниите, по претходно добиени информации од надлежните служби од Република С. Македонија, задолжени за следење на мерките и активностите за превенција од ширење на болеста COVID-19 (корона вирус), се должни пред да полетаат, да ги известат патниците за мерките на претпазливост кои се на сила при влегувањето во Република С. Македонија, во согласност со моменталната состојба и со преземените мерки и активностите за превенција од ширење на болеста COVID-19 (корона вирус), предложени од Министерство за здравство.
• сите авиокомпании коишто пристигаат во Република С. Македонија, да ги информираат нивните патници, пред влезот во воздухопловот, за следното:
a) сите странски државјани кои влегуваат во Република С. Македонија, а кои во последните 14 дена ги посетиле следните земји/територии:
(листа на земји за кои ќе важи преземената мерка – листата ќе се обновува на дневна основа и истата до АД М-НАВ Скопје (отсек Нотам) ќе ја доставува Министерството за здравство, на e-mail адреса: notam@mnavigation.mk), ќе бидат предмет на задолжителна 14 дневна самоизолација.
b) сите странски државјани кои немаат уреден престој во Република С. Македонија, мора да поседуваат доказ за резервирано сместување.
Оваа обврска ќе биде предмет на модификација во зависност од понатамошниот развој на состојбата.
c) сите државјани на Република С. Македонија, а кои во последните 14 дена ги посетиле следните земји/територии:
(листа на земји за кои ќе важи преземената мерка – листата ќе се обновува на дневна основа и истата до АД М-НАВ Скопје (отсек Нотам) ќе ја доставува Министерството за здравство, на e-mail адреса: notam@mnavigation.mk) ,
ќе бидат предмет на задолжителна 14-дневна самоизолација.
Овој 14-дневен период ќе се смета од последниот ден на престој во земјата/територијата во ризик, согласно листата на земји на Светската здравствена организација.
16. Се задолжува Министерството за здравство, редовно, на дневна основа, да доставува листа на земји за кои ќе важат мерките и активностите за превенција од ширење на болеста COVID-19 (корона вирус) до АД М-НАВ Скопје.
17. Се задолжува Министерството за здравство веднаш да ја информира Агенција за цивилно воздухопловство за овие заклучоци, мерки и препораки на Владата.
18. Се препорачува на ЈП Македонска радио телевизија, редовно, на дневна основа да одвои простор за воспитно – образовна програма наменета за деца од предучилишна возраст и ученици од основно образование која ќе биде изготвена од страна на Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, во соработка со воспитно образовниот кадар од детските градинки и училиштата, Министерството за труд и социјална политика, UNICEF и сите релевантни образовни институции.
За оваа цел, се задолжува Министерството за образование и наука – Бирото за развој на образованието, во најкраток можен рок да подготви интервентна воспитно – образована програма на јазиците опфатени во образованиот процес и истата во соработка со ЈП Македонска радио телевизија да ја емитува на дневна основа.
Исто така, се задолжува Министерството за образование и наука едукативните материјали да ги споделува и на сите социјални мрежи и канали.
19. Да се упати апел до државјаните на нашата земја кои живеат во земјите со висок и среден ризик да го одложат доаѓањето во земјата во овој период.
20. Се задолжуваат сите министерства да формираат свои тимови, да наменат посебна електронска пошта и телефонска линија на која ќе се даваат информации во однос на административните прашања во врска со спроведување на препораките и мерките за справување со коронавирусот COVID-19 и податоците од формираниот тим и контакт податоците да ги достават до Секторот за односи со јавноста на Владата кој истите ќе ги објави на веб страницата на Владата на Република С. Македонија.
21. Се задолжуваат Министерството за економија, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за транспорт и врски, Министерството за финансии, Управата за јавни приходи и Царинската управа, да номинираат лица за контакт со стопанските комори (за комуникација со реалниот сектор) и кои да бидат доставени до стопанските комори, со цел на редовна основа да ги добиваат заклучоците од седниците на Владата и навремено да одговараат на поставените прашања во врска со спроведување на препораките и мерките за справување со коронавирусот COVID-19.
22. Сите заклучоци, мерки и препораки усвоени од Владата на Република Северна Македонија да се достават до сите министерства, со цел објавување на истите на нивните веб – страници.
23. Се задолжува Министерството за здравство, сите материјали поврзани со спречување на ширење на коронавирусот COVID-19, да ги преведе и на албански јазик.
24. Се задолжува Министерството за надворешни работи, преку дипломатско – конзуларните претставништва на Република С. Македонија, да ги информира нашите државјани во странство за земјите со висок ризик, согласно Листата на Светската здравствена организација.
25. Го разгледа Барањето на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на С. Македонија за реализација на Проектот Бањско климатска рекреација за 2020 година и заклучи реализацијата и спроведувањето на првата група од Проектот да се одложи.
26. Се задолжува Секторот за односи со јавност на Владата на Република С. Македонија овие заклучоци, мерки и препораки веднаш да ги објави на веб страницата на Владата и истите да ги достави до сите пишани и електронски медиуми, со цел редовно информирање на граѓаните.
Имајќи го предвид претходно наведеното, заради наредување мерки за спречување на внесување и ширење и можноста од заразување од Коронавирус COVID-19, a со цел обезбедување заштита на здравјето на населението на територијата на Република С. Македонија, Владата донесе Одлука врз основа на член 58 став (1) од Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија“ бр. 66/04, 139/08, 99/09, 149/14, 150/15 и 37/16),
Оваа одлука ги опфаќа сите мерки за спречување на внесување и ширење на коронавирусот COVID-19 донесени на сите седници на Владата кои со тоа добиваат правна основа за нивно спроведување.
Во прилог на ова соопштение одлуката ви ја пренесуваме во целост:
О Д Л У К А
за мерки за спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID-19
Член 1
Со оваа одлука заради спречување на внесување и ширење и можноста од заразување од Коронавирус COVID-19, а со цел обезбедување заштита на здравјето на населението на територијата на Република С. Македонија, се наредуваат следниве мерки:
1. Се забранува воспитно – образовниот процес и одржување на настава во сите детски градинки, центри за ран детски развој, дневни центри, основни и средни училишта.
2. Се забранува одржување на наставата во високо – образовни установи и јавните научни установи.
3. Да прекинат со работа ученичките и студентските домови, библиотеките, театрите, кино салите, музеите и детските игротеки.
4. Се забранува посета на сите вон училишни активности и други приватни активности кои децата ги извршуваат вон наставата, (посета на воспитно – образовни активности, курсеви, дополнителни часови, спортски тренинзи и сл.).
5. Се забранува одржување и собирање на масовни собири и настани на отворен и затворен простор, секаков вид на јавни и приватни собири, како и сите културни, информативни, спортски настани и манифестации, без оглед на обемот и бројот на учесници, во јавни објекти и други јавни места (кино сали, театри, музеи, библиотеки, спортски објекти, вежбални и детски игротеки).
6. Се затвораат сите спортски објекти, вежбални, спортски сали каде што може да се одржуваат секаков вид на собири и настани, без оглед на обемот и бројот на учесници.
7. Се забранува одржување на сите спортски настани и натпреварувања пред присуство на гледачи (публика).
8. Се забранува користење од секаков тип на пливачки базени на територијата на Република С. Македонија.
9. Се забранува работа на угостителските објекти, кафетерии, барови, ресторани, клубови, казина, спортски обложувалници, од 18.00 часот до 7.00 часот наредниот ден и истите да работат со преполовен капацитет за гости, односно да се задржи минимум неопходно растојание од најмалку еден метар и половина до два метри помеѓу луѓето кои престојуваат во овие објекти.
10. Се забранува за сите органи на државната управа, јавните претпријатија основани од државата, акционерските друштва во државна сопственост, агенции, фондови, бироа, заводи, управи и сите останати државни институции, а се укажува на единиците на локалната самоуправа во Република С. Македонија, јавните претпријатија и другите правни лица основани од единиците на локалната самоуправа, како и се препорачува на приватниот сектор, одржување на настани, патувања, собири, обуки, семинари, конференции и друг тип на средби и да ги откажат истите.
11. Се забранува користење на годишни одмори, платени и неплатени отсуства од сите вработени лица во здравствениот сектор, а се прекинува специјализацијата на сите државни специјализанти и супспецијализанти вработени во Здравствен Дом Скопје и истите се враќаат на своите работни места во матичната установа.
12. Се забранува на економските оператори и производители од Република С. Македонија, извоз на медицинска опрема и медицински средства и материјали, потребни за справување со Коронавирус COVID-19, освен за оние за кои е добиена посебна дозвола издадена од Министерство за здравство.
13. Се забранува организиран меѓународен автобуски превоз (автобус, комбе, минибус и сл.) кон високо ризичните земји согласно Листата на Светската здравствена организација, како и од тие земји кон Република С. Македонија.
14. Да се забрани влез на странски државјани од земјите со висок ризик, согласно Листата на Светската здравствена организација објавена на веб страницата на Министерството за здравство на линкот: zdravstvo.gov.mk/wp-content/uploads/2020/03/Spisok-na-zemji11.03.2020.pdf , (во натамошниот текст: Листата на Светската здравствена организација), освен оние кои ќе достават потврда издадена од надлежен орган за спроведен карантин.
15. Во случај на појава од патници на граничните премини на Република С. Македонија од земјите со висок и среден ризик согласно Листата на Светската здравствена организација, истите задолжително да спроведат самоизолација.
Член 2
Мерките од член 1 од оваа одлука ќе се применуваат до 24 март 2020 година, освен мерката број 7, која ќе се применува 30 дена од денот на влегувањето во сила на оваа одлука.
За временскиот период од ставот 1 на овој член, задолжително се почитуваат и другите мерки, препораки и насоки усвоени од Владата на Република С. Македонија на предлог на надлежните органи на државната управа и другите координативни и стручни тела во врска со спречување на ширењето Коронавирус COVID-19.
Член 3
Оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република С. Македонија“, односно на 13 март 2020 година.
Сектор за односи со јавноста на Владата