Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија упати апел до верниците за почитување на мерките за заштита и превенција пропишани од Министерството за здравство и Светската здравствена организација, по масовното ширење на коронавирусот Ковид -19 и прогласената пандемија.
– Во оваа смисла апелираме во парохиските храмови и во манастирите на МПЦ – ОА во кои има редовни посети и континуиран богослужбен живот, да се зголеми досегашното редовно одржување на хигиената.
Повикуваме на сострадална љубов и изразување добродетелност на сите оние кои ќе се најдат во борба со оваа болест, најпрво молитвено застапувајќи се пред Бога за нивното здравје и покажувајќи секаква друга можна грижа.
Надевајќи се на Животодавецот Христос, МПЦ – ОА ја чува вековната вера во светоста на тајните на црквата и својот древен, но секогаш актуелен еклисиолошки став за Лекот на бесмртноста – Св. Причест.
Истовремено потсетуваме дека треба да бидеме силно посветени на борбата со причинителот на болестите и страдањата – отуѓеноста од Бога. Нашата вера е вера во Воскреснатиот Христос, победителот на распадливоста и смртта и Лекарот на нашите души и тела, се наведува во соопштението од Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА.