Прилепскиот Завод и музеј, надвор од годишната програма, во рамките на обновата и истражувањата на манастирот Трескавец, од Министерството за култура има одобрено 20 милиона денари.
Како што нагласува директорот на „Завод и музеј Прилеп“, Благоја Атанасоски, средствата се надвор од проектите на годишната програма и се строго наменети на завршувањето на проектот „Трескавец“ за кој државата досега оддели преку два милиона евра за обновата на опожарените конаци.
-Средствата од 20 милиона денари се за дообновата на конаците, за конзервација и реконструкција на античкиот локалитет Колобаиса околу Манастирот, за работите на црквата „Успение на пресвета Богородица“, за магерницата, трпезаријата. Тоа е посебен фонд, објаснува Атанасоски.
Атанасоски навестува дека ќе се решат прашањата за пречистителната станица и за водоводот до Манастирот за што, со локалните власти, се упатени на Министерството за животна средина.
– Се трудиме да се овозможат средствата, заедно со локалните власти. Доколку не може поинаку, локалната самоуправа ќе интервенира и верувам до празникот на Манастирот, 28 август, ќе се реши прашањето со водоводот за целосно да биде ставен во функција, рече Атанасоски.
За изградбата на водоводот до манастирот Трескавец има проект уште од 2012 година и се потребни околу 100.000 евра. Само со изградбата на водоводот и покрја тоа што конаците се речиси обновени, не може Трескавец да биде ставен во функција.