Партијата на Македонците во Србија бара ревизија, инспекција и кривични пријави за претседателот на НС на македонското малцинство

Како резултат на постојаните поплаки за неправилности во работењето на Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија (НС), Партијата на Македонците во Србија (СМС) бара од надлежните српски институции да спроведат вонредна државна ревизија и буџетска инспекција на работењето на Советот.

Партијата посочува дека повеќе македонски здруженија се апсолутно незадоволни од односот и самоволието на претседателот на НС, Борче Величковски и неговите помошници и укажуваат на многу злоупотреби во Советот, поради што бараат помош од СМС.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, СМС посочува дека поради неправилности при изборот на директор и распуштањето на Управниот одбор на Новинско-издавачката установа „Македонски издавачки и информативен центар“ (НИУМИИЦ) од Панчево, веќе е поднесена тужба до Управниот суд во Белград.

Поради ова партијата бара вонредна државна ревизија на работењето на НС и вонредна буџетска инспекција на користење на буџетот на НС, воведување вонредни мерки и привремена управа во НС и распишување на нови вонредни избори за НС.
Посочувајќи дека веќе се утврдени две казни од повереникот за информации од јавен интерес, партијата бара да се покренат кривични пријави и да се постапува по покренатите тужби.

– Барањето ќе го доставиме до Министерството за државна управа и локална самоуправа во чии рамки е надлежноста за националните малцинства во Србија, поради тоа што надлежностите кои му се дадени на НС се злоупотребуваат, а ќе биде известена и Амбасадата на РСМ во Белград да се заземе за остварување на правата на нашето малцинство и за ова да го извести МНР на Република Северна Македонија, се наведува во соопштението на СМС, потпишано од претседателот Горан Илијевски.

Во соопштението се додава дека „доколку надлежните институции во Србија не реагираат на овие барања, СМС тоа ќе го протолкува како незаинтересираност на системот и поради тоа ќе прогласи бојкот на изборите во Србија“.

Во ноември минатата година директорот на НС на македонската заедница во Србија, Борче Величковски, распиша конкурс за нов директор на НИУМИИЦ, на кој беше избрана личност, која не го говори македонскиот јазик и покрај бараниот критериум за тоа раководно работно место, како и без познавања на новинско-издавачката дејност.

Новинско-издавачка установа „Македонски издавачки и информативен центар“ од Панчево е речиси единствената установа на македонското малцинство во Србија, која на македонски јазик единаесет години го издава месечното информативно-политичко гласило „Македонска виделина“, списанието за деца „Ѕуница“, списанието за книжевност, култура и уметност „Видело“ и други публикации и книги, на македонски и српски автори, за што голема заслуга има досегашниот директор на НИУМИИЦ, реномираниот македонски и српски писател и поет Виктор Шеќеровски.