Градинките, училиштата и универзитетите се затвораат следните 14 дена, забранети сите јавни собири

Владата на седница усвои дополнителни мерки за справување со коронавирусот, што ги предложи Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство по состанокот со Управувачкиот комитет на Центарот за управување со кризи. Физичките и правните лица кои нема да ги почитуваат или ќе ги прекршат препораките ќе бидат казнети согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека мерките опфаќаат прекин на воспитниот процес и настава во сите детски градинки, основни и средни училишта на територијата на целата земја во наредните 14 денови, ослободување на вработените од работните обврски во овие институции, за еден родител на десетгодишно дете ќе се дозволи отсуство од работа кое ќе биде целосно платено во јавните и приватните институции во текот на следните 14 дена, а се прекинува наставниот процес и во високообразовните установи, како и во јавните научни институти.

– Се забрануваат масовни собири на отворено и затворено, со над илјада ученсници на територијата на целата земја во наредните 14 денови, а се препорачува да не се организираат и сите културни настани на ниво на РСМ, се забранува одржување на спортски натпревари со публика во периодот од следните 30 дена. Се воведува задолжителна самоизолација на сите лица, кои доаѓаат од високо и средно-ризичните држави во период од 14 дена. Се забранува извоз на медицинска опрема и медицински средства и материјали од страна на економските оператори и производители од земјава, освен со посебна довола од Министерството за здравство. Препорачуваме на возрасните и високоризичните категории на граѓани да го намалат своето движење, да го избегнуваат јавниот превоз. Се препорачува избегнување на патување во земји со висок и среден ризик, рече Филипче.

Тој потенцира дека Државната изборна комисија, вработените од јавно здравствените установи кои се ангажирани за потребите на изборниот процес треба да ги ослободи од натамошното учество заради тоа што има некои обуки и тие да бидат заменети со други лица.

– Воведуваме хелт локатор карта за сите летови и за сите авиокомпании. Се забранува организиран меѓународен превоз со автобус, комбе или минубус кон високо ризичните земји од и кон Северна Македонија, се зајакнува присуството на волонтерите на Црвениот крст во соработка со Министерството за здравство на сите гранични премини, истакна Филипче.

Тој појасни дека дополнителни мерки за справување со коронавирусот се воведуваат со оглед на новонастанатата ситуација, прв случај на локална трансмисија откако тројцата луѓе кои биле во контакт со веќе хоспитализираните пациенти од Дебар беа позитивни на тестирањето и тие се сместени на Клиниката за инфективни болести.

– Сега таму се седум пациенти во лесна клиничка форма е манифестирана болеста и нема потреба од механичка вентилација кај шест од нив. Седмата практично првата пациентка е целосно стабилизирана и денеска е испратен материјал и ги очекуваме резултатите од контролниот тест, првичниот беше негативен. Денеска нема нов случај докажан. Се тестира само една 16-годишна пациентка која има неспецифични знаци за горно респираторна болест, рече Филипче.

Министерот повторно апелираше да се почитуваат и применуваат мерките за превенција кои се упатуваат од Министерството за здравство.

– Упатуваме препорака од Владата до сите органи на државната управа, до единиците на локалната самоуправа и до приватните компании за времен прекин на работните обврски, односно не одење на работно место на бремените жени и хронично болните лица. Владините институции ги прекинуваат сите организирани настани, конференции и патувања. Во сите државни институции со помош на службата за општи и заеднички работи ќе бидат дистрибуирани средства за дезинфекција. Сите овие мерки ќе бидат објавени на веб страницата на Министерството за здравство, на Институтот за јавно здравје и на Владата, додаде Филипче.