Во среда завршува пријавувањето на дијаспората за изборите

Во среда на полноќ (11 март) завршува пријавувањето на македонските државјани кои работат и живеат во странство за гласање на парламентарните избори закажани на 12 април. Според податоците на Државната изборна комисија (ДИК) до денеска пријавени за гласање се 4.299 македонски државјани од повеќе делови на светот.

Засега е неизвесно дали воопшто ќе се одржат избори во дијаспората ако се знае дека најмалку 6.540 македонски државјани треба да се пријават за гласање за да се организираат избори во странство. Според македонскиот закон, околу 6.540 гласови освоил пратеникот кој добил најмалку гласови на минатите парламентарни избори.

Во ДИК велат дека имајќи ја предвид динамиката на пријавување на нашинците од дијаспората за гласање неизвесно е дали таму ќе се организираат избори воопшто. Сепак, треба да се почека до среда на полноќ за да се знае дали или нема да има избори во дијаспората.

Најмногу за гласање до денеска се пријавени во Мелбурн – 468 и во Венеција – 462.

Гласањето во Венеција станува неизвесно и поради тоа што жителите на овој град и уште 14 други провинции се во карантин поради корона вирусот. Италијанскиот премиер Џузепе Конте вчера потпиша наредба со која до 3 април се во карантин Ломбардија и уште14 провинции, во кои живеат повеќе од 15 милиони луѓе. Македонското МНР синоќа информираше дека нашиот Генерален конзулат во Венеција, следејќи ја праксата на другите европски дипломатско конзуларни претставништва во истиот регион како и заради понатамошна превенција од ширење на COVID-19, во следниов период нема да работи со странки, освен во итни и неодложни ситуации. Сепак, тоа, како што истакнуваат од ДИК, нема да влијае на пријавувањето на македонските државјани за гласање на изборите.

Претседателот на ДИК Оливер Деркоски за МИА вели дека 99 отсто од пријавените тоа го прават електронски, така што затворањето за работа на конзулатот за странки нема да влијае на пријавувањето на нашите државјани кои таму живеат во голем број. Дополнително, Деркоски потенцираше дека ќе ја следат состојбата и дека доколку треба да се организира гласање во Венеција, а карантинот продолжи да биде во сила, ќе се консултираат со македонското Министерство за надворешни работи.

Во главниот град на Италија, Рим до денеска за гласање се пријавени 66 македонски државјани, а прифатени се 51 пријава.

Во Мелбурн за гласање до денеска се пријавени 468 македонски државјани, во Берлин – 418 македонски државјани, додека во Берн 320.