Димитров: Реформските процеси во Република Македонија имаат долгорочна и далекусежна мисија

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска во Стразбур, во Европскиот парламент, имаше свое излагање во рамките на 14-от состанок на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Македонија – Европска унија.

МНР соопшти дека Димитров во своето излагање ја реафирмирал приоритетната цел во односите со Европската Унија – почеток на преговорите за пристапување во Унијата, при што ги претставил активностите кои ги презема Владата во насока на исполнување на критериумите за членство во Европската Унија. Посебен акцент бил ставен на исполнувањето на итните реформски приоритети.

Министерот Димитров подвлекол дека реформските процеси во Република Македонија имаат долгорочна и далекусежна мисија. -Посветени сме на изградба на стабилно и просперитетно европско општество во кое медиумите ќе бидат слободни, ќе владее правото и функционален систем на „спреги и кочници. Целта на реформите е да овозможат суштинска трансформација, рекол Димитров.

Димитров, исто така, ги информирал пратениците за иницијативите и активностите за унапредување на односите и соработката со соседните земји, во насока на градење на клима на взаемна доверба, како и за напорите на Република Македонија за решавање на разликата што Грција го има со нашето уставно име.

– Оваа Влада е посветена на градење мостови, отворање врати, можности и перспективи. Нашиот нов политички контекст се совпаѓа со обновениот интерес на ЕУ за регионот. Ние имаме шанса која мора да ја искористиме. Тоа е добро за нас, за нашето непосредно соседство, за регионот и Европа, посочил министерот Димитров.

При размената на мислења со европските пратеници од Грција, министерот сугерирал дека и самата Европска унија е родена врз идејата за мирно разрешување на конфликти и помирување. Мудро би било и ние на Балканот да го примениме ова кредо.

Министерот Димитров остварил повеќе средби со европратеници на кои била изразена поддршка на реформската агенда.

Мешовитиот парламентарен комитет е форум на меѓу-парламентарна соработка предвиден со Спогодбата за асоцијација и стабилизација меѓу Република Македонија и Европската унија. Последниот состанок на ова тело се одржа во декември 2015 година.