Манчевски: Граѓаните нема да бидат „курири“ на институциите

Во наредниот период ќе има нови електронски услуги за граѓаните од институциите преку Националниот портал, за издавање лични документи од Министерството за внатрешни работи,  документи од Управата за водење матичните книги (УВМК), упис на деца во градинка и училиште. Следен чекор ќе биде автоматска размена на податоци меѓу институции. Поради сите овие процеси некаде ќе има вишок вработени во администрацијата, а некаде не, вели ресорниот министер Дамјан Манчевски.

– Сакаме целосно да биде електронски начинот за апликација за лични документи за граѓаните ќе треба само да одат да се фотографираат и да ги подигнат. На електронски упис во градинка се работи и верувам дека ќе успееме во тоа во текот на следните недели. Уписот на деца во градинка трае цело време и граѓаните ќе можат веднаш да ја користат оваа услуга, а за училиштата имаме време да се организираме од септември. Во делот на Управата следната недела ќе ни биде големиот пробив, каде документите многу побргу ќе се генерираат и ќе се издаваат. Преку uslugi.gov.mk  граѓаните ќе може да ги добијат во рок од само неколку минути, информира денеска Манчевски, на претставувањето на услугите преку порталот во Министерството за труд и социјална политика од каде електронски се издаваат 11 потврди.

Тој потенцираше дека ќе нема никаква потреба граѓаните да бидат „курири“ на институциите, туку тие по автоматизам ќе си ги разменуваат податоците, односно потврди за работен стаж, за неосудуваност, за платени даноци.

Порталот досега има 10 000 корисници, а Манчевски лично не е задоволен од тоа колку се користи затоа што, како што потенцира, нуди многу можности.

Од областа што ја покрива МТСП моментно на порталот се достапни: барање на потврда за користење право на посебен додаток, потврда за додаток за обарзование, потврда за користење додаток за образование, за користење на право на детски додаток, за право на надомест заради  попреченост и потврда за право на гарантирана минимална помош.

– Сметаме дека е многу важно за граѓаните и нашите корисници  тоа што ако вообичаено требало минимум двапати одење во некоја институција и чекање од неколку дена за да се оствари некоја услуга или да се добие потврда сега тоа може да се направи од дома и се избегнуаваат сите редици и бирократски  процедури и чекање на шалтери, рече дополнителлната заменик министерка во МТСП Санела Шкријељ.

Таа најави дека следни услуги на кои ќе се работи да се воведат во електронска форма се утврдување на пензиски стаж поминат во странство, решение за основање приватна агенција за вработување и други.

Според Шкријељ, воведувањето на електронските услуги ќе овозможи поголема ефикасност на вработените во центрите за социјална заштите, кои наместо како досега со административна работа, ќе се постветат на стручната работа.

Со оглед на тоа што услугите од МТСП се поспецифични и се работи за категории граѓани кои се социјално ранливи и не се главни корисници на овие електронски услуги, оставена е опција за нудење на овие услуги  и преку шалтерите во МТСП и во сите контакт точки на МИОА каде можат да добијат насоки и помош.