Милевски: Ја подобруваме енергетската ефикасност преку ИПА програмата во градинката Калинка во Валандово

 Детската градинка „Калинка“ во Валандово е реконструирана во рамки на Проектот финансиран од ЕУ преку ИПА два програмата за прекугранична соработка со Грција. Министерството за локална самоуправа заедно со општина Валандово е носител на проектот заедно со партнерските општини Серес и Радовиш, музичкиот конзерваториум од Грција и ЦЕРТ.

– Вкупниот буџет на проектот изнесува 1.419.375 евра, додека вкупната инвестиција во градинката „Калинка“ изнесува 388 илјади евра, а Министерството за локална самоуправа кофинансира 15 отсто од вкупната сума. На овој начин ги подобруваме условите за работа на градинките што води до создавање на нови групи за згрижување на деца, изјави Горан Милевски, министерот за локална самоуправа.

Тој објасни дека со имплементација на проектот “3Еm“ заедно со проектните партнери ќе се подобри енергетска ефикасност на реконструираните јавни згради во општините Валандово, Радовиш, Серес и Флорина за 30 проценти.

Исто така целта е да се намалат емисиите на стакленички гасови (СО2) од реконструираните јавни згради за 5 отсто, како и подобрување на капацитетот на општинската администрација во промовирањето на енергетската ефикасност и употребата на обновливи извори на енергија.

Милевски појасни дека на овој начин ќе се зголеми свеста кај локалното население за придобивките од подобрувањето на енергетската ефикаснот на јавната инфраструктура преку промотивни активности, а и замена на традиционалните необновливи и загадувачки извори на енергија со поеколошки и обновливи извори.

– Значајно за Валандово и за потребите на граѓаните да се реализираат вакви проекти се со цел подобра иднина за сите нас. Ние како општина и понатаму ќе реализираме проекти кои ќе бидат во интерес на граѓаните. Горд сум што оваа градинка сега има подобри услови за над 140 дечиња и заштеда на енергија од 70 отсто, додаде Перо Костадинов, градоначалник на општина Валандово.

Исто така, во Валандово се изврши проширување и реконструкција на постоечкиот пат од Валандово до манастирот „Св. Ѓорѓи“, паркинг зони и осветлување се обрзбедени преку поектот „Туристичка патека од природа до култура на планината Плавуш“.

Реконструкцијата ја овозможи  Центарот за развој на југоистечен плански регион и општина Валандово, а вкупната сума на проектот е 8.360.000 денари.

Во рамки на проектот исто така поставени се павилјони со различни визури, изградена е трим патека, забавен парк за деца и уреден е просторот околу манастирот.