Димитров: Надлежните институции ги преземаат сите потребни активности за спроведување фер и демократски избори

Одржувањето парламентарни избори во согласност со меѓународните изборни стандарди, се основен столб на демократија и владеењето на правото во земјата. Ова покажува демократски капацитет и зрелост на државата и пред сè на нејзините граѓани и е особено важно во тековниот контекст на европските стратешки цели на земјата. Тоа е национален приорет, истакна министерот за надворешни работи Никола Димитров на денешната средба со Каетана де Зулуета Овтрам, шефица на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР за набљудување на предвремените парламентари избори во земјава.

Тој нагласи дека надлежните институции ги преземаат сите потребни активности за спроведување фер и демократски избори, на линија на европските стандарди и практики.

Димитров, како што соопштија од Министерството за надворешни работи ја запознал соговорничката со последните измени на законската регулатива, согласно препораките на ОДИХР кои претставуваат смерница за дополнително уредување на изборната рамка во согласност со меѓународните изборни стандарди.

– Шефицата на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР Каетана де Зулуета се заблагодари за навремената покана со која беше овозможено отпочнување на процесот за набљудување на предвремените избори, како и за конструктивната соработка во текот на претходните избори. Притоа, го истакна очекувањето дека и овие избори ќе бидат демократски и фер и дека ќе бидат потврда на заложбите на Република С. Македонија не само во контекст на ОБСЕ, туку и во контекст на европската интеграција, информираа од МНР.