Во анализите на долгорочниот мониторинг на ЦИВИЛ се констатира дека продукцијата и ширењето на лажни вести, дезинформации и говор на омраза во медиумите и на социјалните мрежи достигна ниво на индустриски размери. Политичката кампања што ја водат одредени политички субјекти во контекст на изборите е крајно некоректна и деструктивна и претставува сериозна закана за квалитетот на изборниот процес.
Во анализите на говорот на омразата се нотира дека тој е систематски и организиран. Дури и заканата од коронавирусот се злоупотребува во изборен контекст. Во црната кампања се оди и дотаму, што одредени индивидуи од медиумската и универзитетската сфера дури и повикуваат на етничка војна, очигледно одработувајќи во полза на одредени политички партии и центри на моќта во и надвор од земјата.
Со кампањата на одредени политички субјекти и други структури чие основно пропагандно оружје се лажните вести, дезинформациите и говорот на омразата, се загрозува правото на граѓанките и граѓаните за информиран избор и слободно изразување на волјата во изборните процеси.
Коректното информирање во согласност со професионалните и етичките стандарди паѓа во сенка поради невиденото темпо на хибридните закани против демократијата.
ЦИВИЛ најостро го осудува водењето кампања со лажни вести, дезинформации и говор на омразата во медиумите и социјалните мрежи и ги повикува релевантните организации и институции да преземат итни мерки за заштита на јавноста и јавниот интерес од овие штетни појави.
ЦИВИЛ ја алармира јавноста и институциите дека веќе одамна не се работи само за пристрасност, туку за систематско и агресивно нанесување на ненадоместливи штети по јавниот интерес и загрозување на правото на граѓанките и граѓаните на објективно информирање, особено во период кога тие треба да донесат информирана одлука како гласачи, слободно, без страв и без присила. Затоа, итно е потребна реакција од релевантните институции во земјата, да ги спречат и да ги санкционираат црната пропаганда и лажните вести. Потребна е итна истрага и за начините на финансирање на одредени медиуми од странство за кампања против стратешките национални интереси на Република С. Македонија.
Воедно, ЦИВИЛ ги повикува граѓанките и граѓаните да внимаваат од каде и како се информираат, бидејќи е засилена продукцијата на лажни вести и дезинформации.
Во пресрет на изборите, ЦИВИЛ, преку својата медиумска платформа, ќе ги засили напорите во борбата против хибридните закани против демократијата и јавно ќе ги истакнува и разобличува сите случаи на црна пропаганда што ќе ги пријават набљудувачите и граѓанските новинар и.
Исто така, од денеска, ЦИВИЛ ќе почне со подготовка на листа од медиуми, профили на социјалните мрежи и други ентитети што чие дејствување е насочено против добрите изборни практики, демократијата и етиката во јавниот простор во земјата.