Заев: Кандидатските листи на 9 март, коалицијата СДСМ-Беса ќе ја победи ДУИ во шестата и.е.

Носителите и кандидатските листи за претстојните предвремени парламентарни избори СДСМ ќе ги објави на конгресот на партијата што ќе се одржи во попладневните часови на 9 март, објави денеска лидерот на партијата Зоран Заев на денешната прес-конференција.

Заев појасни дека во моментов во СДСМ се прави селекција од преку 750 кандидати за пратеници и оти тоа го прават странски и домашни експерти, и политичари од СДСМ, се разгледуваат нивните биографии, потоа ќе се прават анализи и интервјуа, а паралелно се одвиваат анкетите. Сакаме да ги избереме најдобрите. Лидерот на СДСМ рече дека има многу добри кадри кои не се нафаќаат да се занимаваат со политика.

Можеби дел од коалициските партнери и порано ќе ги објават своите кандидати.

Коментарите на ДУИ за вчера објавената коалиција со Беса, според Заев, заслужуваат внимание

–  Овој нов квалитатив кој со ваквите политки го создаваме, со конкретен ефект и почеток од 2016 година, кога десетици и десетици граѓани Албанци гласаа за СДСМ и коалицијата, рече Заев потсетуваше дека и Македонци и Албанци гласале за кандидати кои не биле од нивната етничка заедница.

Ова што сега го правиме, додаде тој, е еден нов исчекор, и веројатно може само да ги зајакне по структура и по фер поставеност еднаквиот глас на секој граѓанин.

-За нас прво се граѓаните. После тоа ја почитуваме секоја етничка припадност, религиска па дури и политичка припадност. Секако си ги почитуваме нашите политички припадности повеќе, но разноличноста во државата не ни е од сега, ниту успеаја до крај да ја загрозат ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во тој единаесетгодишен период наназад затоа што видовме дека има плодна почва за оваа работа и денеска тоа се случува. Можеме да се пофалиме дека денеска испишавме една убава историја. Имаме една коалиција мултиетничка од секој аспект. Ние сме горди на тоа, рече Заев.

Одговарајќи на новинарското прашање, тој истакна дека граѓаните одлучуваат на изборите како ќе се движи земјата и кој како ќе ги прави комбинациите за составување на Влада.

-Јас би им порачал на нашиот коалициски партнер да не го лаже паметот, коалицијата СДСМ – Беса и другите партии ќе биде победник на овие избори, а не ДУИ, и тоа во шестата изборна единица каде што најмногу се мерат влијанието на втората етничка заедница, албанската. Јас тврдам дека ние ќе бидеме победници во шестата изборна единица заедно. И тој податок е нешто што е вредно да испрати уште еднаш убава порака до целиот наш народ дека единството ја прави силата, дека заедно сплотени може повеќе да успееме, рече Заев.

Вели дека оставаат простор за соработка со сите партии. Сепак, рече Заев, очекувањата на граѓаните се партиите да се менуваат.

–Ако се менуваат на подобро, ако се реформираат тие ќе бидат посакуван партнер на СДСМ и коалицијата која поприлично веќе е оформена, рече Заев.

Според него, коалицијата на СДСМ и Беса нема да биде причина за дефакторизација на гласовите кај Македонците и кај Албанците, како што вели ДУИ.

Заедничката програма на СДСМ и Беса се подготвува, рече Заев, потенцирајќи дека области што ги спојуваат се економијата, реформите, севкупната трансформација – судство, здравство, образование, застапеноста.

Причини за критичните ставови на лидерот на Беса, Касами кон него, како што кажа, делумно било и коалицирањето на СДСМ со ДУИ, од што дел од Албанците биле незадоволни. Иако истите тие, додаде тој, рекле и дека без ДУИ не можеле да формираат Влада. ДУИ и СДСМ покажале сериозен државнички капацитет, оцени Заев, укажувајќи на уставните измени, носењето на некои закони итн и СДСМ го почитува тоа што решиле да коалицираат со нив и да не дозволи режимот на ВМРО-ДПМНЕ да продолжи.

Заев кажа и дека нема да дозволат која било партија да ги уценува, но и дека партиите мора да се менуваат и реформираат, посочувајќи на ДУИ.

-Јавно кажувам дека очекувам да има одредени промени во ДУИ, рече Заев.

Веројатно, додаде тој, пред изборите е логично да имаме различни ставови.