Јункер на 25 февруари во Македонија – прва станица од неговата посета на Западен Балкан

Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, на 25 февруари ќе ја посети Република Македонија како прва земја од неговата турнеја низ државите од Западен Балкан во насока на презентација на Стратегијата на ЕУ за регионот. Ова денеска на прес-конференција го најави вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи на која беше презентирана и длабинска анализа на пораките и содржините во Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан објавена завчера во Стразбур.

– Ова е важен момент за презентација на Стратегијата, но и за охрабрување на владите да ги удвојат напорите за постигнување на новите скратени таргети, рече Османи.

Според него, Стратегијата ги исполнува сите очекувања на Македонија, бидејќи се валоризираат успесите на земјата во однос на реформите, најавува подготвеност да се даде чиста препорака од страна на ЕК за отворање на преговорите и овозможува да нема диференцирање на земјите по однос на можноста за членство, туку нивно оценување поединечно според постигнатите резултати.

– Македонија со овој вординг што е даден во Стратегијата  е задоволна зашто овозможува кога ќе почне да преговара да може да ги престигне и предводниците во процесот доколку постигне резултати. Ние тоа го посакувавме, бидејќи Македонија е најстара во овој процес и пред Србија, Црна Гора и сите други држави од Западен Балкан, оти имавме Договор за стабилизација и асоцијација во 2001 година, кандидат сме од 2005 година и има најмногу напреднато во процесот на хармонизација со европското законодавство и трансформацијата на општеството, рече Османи.

Тој посочи дека Извештајот на Европската комисија за  напредокот на земјата ќе биде соопштен на 17 април и очекува чиста деветта по ред препорака за отпочнување преговори.

Во врска со содржината на Стратегијата, она што ја издвојува во однос на сите досегашни документи, е што таа определува обврски не само за земјите кандидати, туку и за ЕУ односно процесот на проширување го прави двонасочен.

Во анексот на Стратегијата, според Османи, содржана е и листа на задачи за ЕУ преку кои таа треба да ги подготви земјите за членство.

Воедно, предвидено е ЕУ институционално да се подготви за прием на нови членки, како и да биде силна пред да стане голема.

Исто така, се предвидуваат посебни аранжмани и неотповикливи обврски со цел да се спречи новите земји членки да го блокираат пристапувањете на други земји кандидати од Западен Балкан. Од страна, пак, на земјите кандидати, се очекува да спроведат сеопфатни реформи во клучните области во однос на владеење на право, фундаментални права и управувања, зајакнување на економијата, примена на правилата и стандардите на ЕУ и помирување и добрососедски односи.

За имплементација на Стратегијата предвидена е и значителна финансиска поддршка. Само во 2018 година треба да се алоцираат една милијарда евра кои треба да го помогнат процесот на трансформација на општествата на земјите од Западен Балкан. За таа цел, во март ЕК на состанок ќе ја утврди динамиката и распределбата на средствата за секоја од земјите кандидати.