Струмица ја одбележа 16-годишнината од загинувањето на претседателот Трајковски

Пред споменикот „Македонија“, подигнат во чест на трагично загинатиот македонски претседател, Борис Трајковски, родната Струмица ја одбележа шеснаесетгодишнината од неговата смрт.

Членови на семејството Трајковски, граѓани, роднини, пријатели, претставници на локалната самоуправа, политички партии и здруженија на граѓани со положување свежо цвеќе и поклонување пред неговиот споменик ја искажаа својата почит.

Венец пред споменикот положи и владина делегација предводена од министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, заменик министерката за образование и наука, Елизабета Наумовска и државниот секретар во министерството за локална самоуправа, Кирил Парталов.

За ликот и делото на претседателот Трајковски, зборуваше градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.

– И понатаму ќе се прераскажува кој беше и каков беше Борис Трајковски и тие прераскажувања ќе бидат пренесувани од колено на колено на сите идни генерации, зашто тој го заслужи своето место во нашата историја. Ние, струмичаните и понатаму ќе ги одбележуваме годишнините од неговото раѓање и од неговото прерано заминување од овој свет, затоа што тој го сакаше овој град, ја сакаше оваа земја по која сите заедно чекориме, го сакаше Севишниот Господ-Бог и ги сакаше луѓето кои се дел од неговото опкружување. Вториот македонски претседател Борис Трајковски беше наш човек и затоа бевме, сме и ќе останеме горди за вечни времиња, рече градоначалникот Јаневски.

Во рамките на одбележувањето на шеснаесетгодишнината од смртта на претседателот Трајковски млади рецитатори од Домот за деца и младинци „Благој Мучето“ од Струмица одржаа пригоден рецитал, а Унијата на жени на ВМРО ДПМНЕ од Струмица традиционално засади дрвце до споменикот.