Тетовската касарна одбележа 76 години од смртта на патронот-народниот херој Кузман Јосифовски Питу

На свеченоста по повод одбележувањето на патронатот на тетовската касарна денес беше откриена  новопоставената биста на народниот херој Кузман Јосифовски – Питу.  Во знак на сеќавање и почит кон народниот херој Кузман Јосифоски Питу пред неговата спомен бистата во тетовската касарна цвеќе положија повеќе делегации на Армијата, државни институции, сојузи, невладини организации, партиски ограноци и здруженија.

Пригоден говор одржа командантот на тетовската касарна и третиот пешадиски баталјон ппотполковник Изеир Ејупи.

-Се навршија 76 години од смртта на народниот херој Кузман Јосифоски Питу. Тој својот живот го даде за македонскиот народ, за неговите копнежи за слободна и самобитност. Со неговата смрт македонското револуционерно движење изгуби еден од своите најистакнати организатори и раководители, а народот од Тетовско свој соборец и човек кој можеше да ги разбере сите сложености на овој крај. Народот од Тетово и целиот западен дел од Македонија му должи вечна благодарност, истакна Ејупи.

На одбележувањето присуствуваше началникот на Првата пешадиска бригада полковник Дејан Чиплаковски. Дел од настанот беше културно – уметничка програма организирана од учениците од основно училиште „Блаже Конески“ од Скудриње, општина Маврово и Ростуше.

Кузман Јосифовски-Питу е роден на 15 јуни 1915 година, а загинал на 25 февруари 1944 во Скопје.  На 2 август 1945 посмртно е прогласен за народен херој.