НАкС: На универзитетите постои системска корупција поради немање критериуми за финансирање

Независниот академски синдикат (НАкС) бара итно да се воспостават критериуми за финансирање на универзитетите и на научните институти како и потпишување колективен договор за регулирање на платите. За проблемите и предизвиците на финансирањето на високото образование и науката НАкС денеска организираше трибина.

Проф. д-р Маја Стевановиќ изјави дека поради непостоење критериуми за финансирање на високообразовните установи, ниту за формирање на платите за работни места, со децении наназад во високото образование постои системска корупција која, како што рече, е во две насоки: нанадвор – кон власта и навнатре – кон студентите.

– Тоа значи дека сте оставени на добрата волја на одговорните дали ќе ви дадат согласност да вработите некого или не. Поради тоа, најстарите универзитети, УКИМ и УКЛО, се испразнети.  Нашите податоци кажуваат дека на седум единици на УКИМ нема ниту еден асистент, а има голем број професори кои треба да заминат во пензија. На УКЛО ситуацијата е уште полоша, додека новите универзитети имаат асистентски кадар, но прашање дали нивниот професорски кадар е доволен за реализација на студиските програми, рече Стевановиќ.

Системската корупција навнатре се однесува на студентите. Ваквиот модел на финансирање, рече таа, би можело да се нарече економија на обем т.е. факултетите се принудени да запишуваат голем број студенти без разлика на квалитетот на студиите, за да можат да исплаќаат основни елементи на плата, додатокот на плата за стаж кој МОН не го исплаќа веќе десет години и, евентуално, да ги покачат  многу ниските плати што се исплаќаат од буџетот на МОН.

Од НАкС сметаат дека системската корупција ќе се отстрани со колективен договор кој ќе придонесе за зголемување на  квалитетот на високото образование и на науката. Согласно колективниот, кој во нацрт НАкС му го има доставено на МОН во ноември, прво ќе се определат коефициенти за вработените според сложеноста и одговорноста на нивното работно место. Тоа ќе значи платите на сите да бидат исплаќани согласно коефициенти во однос на минималната плата во државата, а не, како што рече Стевановиќ, во однос на основица која е исклучително мала.

Според анализите на Синдикатот, во високото образование сега има огромни разлики во платите меѓу универзитетите, но и меѓу единиците внатре.

-На пример, на една единица на УКИМ просечна плата на редовен професор е околу 120.000 денари, а на друга единица околу 36.000 денари. Ова се податоци пред последното покачување од 5 проценти и анализите се направени врз основа на податоците што ги ни дадоа од МОН, а ги побаравме согласно Законот за пристап до информации од јавен карактер, соопшти Стевановиќ, нагласувајќи дека со колективниот договор не се регулираат само платите, туку генерално дејноста.

Од МОН не добиле одговор за колективниот што му го доставиле во нацрт.  Бидејќи е предизборен период нема законска можност тој да се потпише, но НАкС очекува дека новоизбраната влада, како што рече Стевановиќ, ќе ги разбере децениските проблеми во високото образование и најбрзо што може ќе седне да преговара.