Министерот за култура не може да ги стопира градежните активности околу реконструкцијата на Али Пашината џамија во Охрид, соопшти денеска Министерството за култура.
Во денешната реакција на министерството се посочува дека после изнесените забелешки во јавноста и информациите во медиумите за нерегуларности при самата реконструкција, формирана е комисија од стручни лица која ги испитала сите околности во однос на реконструкцијата на објектот.
Комисијата дошла до заклучок дека министерот за култура нема основа да ги запре работите, но министерството повикува наделжните институции да постапуваат согласно легислативата доколку има индиции за прекршување на законските процедури.
Работната група препорачала, а министерството ќе достави барање до УНЕСКО за стручно мислење – дали е во склад со стандардите за заштита на градот да се реконструира објектот во такви димензии.
„Министерството за култура нема ништо против обновувањето и заштитата на културното наследство, вклучувајќи ги тука и верските објекти, но сакаме тоа да се спроведува во законска процедура, почитувајќи ги сите прописи и постапки што се однесуваат на заштитување на објекти со историско значење. Би сакале да потсетиме дека слободата на вероисповед е загарантирана со Уставот на РМ, а дека заштитата на културното наследство, вклучувајќи ги историските верски објекти без оглед на религијата на која и припаѓаат, е наш врвен приоритет. Ние повеќе би сакале да ја гледаме културата и културното наследство како наше заедничко богатство кое не зближува“, се наведува во соопштението на Министерството за култура.
Граѓани на Охрид организирани во здружението „Совест“ денеска пред медиумите соопштија дека поднеле кривични пријави против градежниот државен инспектор, Управата за заштита на културното наследство и нејзиниот раководител, до екс-директорката на Завод и музеј- Охрид, како и серија прекршочни пријави. Го повторија претходно изнесеното, дека целта на нивните активности е Али Пашината Џамија да стане културно наследство, а не да се вршат градежни зафати со кои се уништуваат значајни артефакти околу објектот, од кои некои датираат уште од бронзено време.
Тие посочуваат дека покрај нивните укажувања надлежните институции со непреземање соодветни активности за спречување на нелегалните градежни активности стануваат соучеснци во криминални дејствија. Тоа произлегува од фактичката состојба на терен каде, според „Совест“ наместо реставрација и конзервациаја се извршуваат градежни рааботи за кои нема дозвола ниту една институција.
Активистите од „Совест“ реагираа на начинот на кој се врши реставрацијата на Алипашината џамија во Охридската чаршија. При првото појавување пред јавноста тие се произнесоа дека немаат ништо против конзервирање на џамијата како објект од посебна историска важност заштитен со закон, но оти се спротивставуваат на менувањето на изгледот на објектот, неговата околина, како и планот за изградба на 32-метарско минаре во центарот на Охрид.
Уште тогаш тие своите забелешки ги адресираа до сите надлежни институции очекувајќи од нив да не ја префрлаат одговорноста меѓу себе туку веднаш да преземат соодветни мерки согласно законската регулатива за исправување на состојбите и стопирање на сите градежни активности за кои нема дозвола.