Во присуство на повеќе од илјада верници од Македонија и неколку соседни земји, беше одбележан именденот на игуменот на свештената Бигорска обител, архимандрит Партениј.
– Бескрајно ви благодарам мили мои гости и духовни чеда, не само од Македонија, ами и од Бугарија, Грција и Србија, што допатувавте дотука за да ја споделите заедно со нас радоста и убавината од денешното црковно празнување – попразненството на Сретението Господово и споменот на големиот Христов угодник и чудотворец, Свети Партениј, епископот Лампсакиски. Ете, по Божја промисла и по благоволението и просветлението на духовниот татко на нашата богочувана Дебарско-кичевска епархија, Митрополитот г. Тимотеј, неговото славно име недостојно го носам и јас, последниот, веќе 25 години,рече архмандрит Партениј не криејќи ја радоста за покажаната почит и чест.
Впрочем, додаде, самата оваа разнолика соборност овде, сведочи дека Црквата е една, света, соборна и апостолска, без разлика кои сме, од каде сме, што сме.
Им порача дека треба да веруват дека оние што било во себе или јавно го осудуваат и клеветат духовенството на Црквата, не можат духовно да напредуваат, туку, напротив, сосема ќе пропаднат.
-За жал, во денешно време гледаме како многу христијани се осмелуваат јавно, по социјалните мрежи, да осудуваат епископи, свештеници, монаси, духовници… Но ние, треба да бегаме од тој дух. Да го почитуваме сиот клир на Црквата со должна почит. Освен тоа, не смееме, да се делиме според нашиот духовник и според тоа во кој манастир или во која црква се црквуваме. Немојте да се делите и доколку забележите некој што така прави, поучете го со љубов дека не е во ред тоа, порача архмандрит Партениј.
Во чест на денот беше отслужена божествена архиерејска литургија, со која чиноначалствуваше митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј во сослужение со Тетовско-гостиварскиот митрополит г. Јосиф, со епископот Стобиски г. Јаков, архимандрит Партениј и јеромонаси од братството.