Спасовски-Сасоли: Успешните реформи и новата методологија важни чекори кон старт на преговорите

Премиерот Оливер Спасовски денеска во Брисел имаше средба со претседателот на Европскиот Парламент (ЕП) Давид Мариа Сасоли, кој даде целосна поддршка на сите реформски чекори кои Владата, Собранието и граѓаните ги донесоа во изминатиот период, соопшти владината прес-служба.

На средбата, на која присуствуваше и вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, е нагласено дека Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија се пример во регионот и столб на европската иднина на Република С. Македонија и дека земјата останува доследна на обврските за спроведување на договорите кои претставуваат пример за решавање на билатерални спорови.

– Сасоли и Спасовски се согласија дека успешните реформи и новата методологија се важни чекори кон скорешно отпочнување на преговорите за членство. Таа цел е заедничка на сите европски институции и најголем дел од државите членки на ЕУ, беше констатирано на средбата, се вели во соопштението.

Претседателот на ЕП истакнал и дека Западен Балкан е стратегиски регион за ЕУ и дека тој при посетата на нашата земја се уверил оти граѓаните силно веруваат во ЕУ и во заедничката иднина. Во таа насока, рекол Сасоли, Европскиот Парламент ќе даде свој придонес за поддршка на Западен Балкан на Самитот во Загреб.