Искршени таблите на три институции во Штип

Во Штип синоќа или во раните утрински часови непознати сторители ги искршиле двојазичните табли на подрачните единици на Фондовите за пензиско и инвалидско осигурување и за здравствено осигурување и на Државниот архив.

Канцелариите на двата фондови се сместени во една зграда, во централното градско подрачjе, додека Државниот архив се наоѓа над Градскиот стадион.

Вработените рано утринава кога пристигнале пред вратите на своите институции ги затекнале искршените табли на кои институциите се испишани на македонски, албански и англиски јазик.

Раководствата случаите ги пријавиле во полиција. Портпаролот на СВР Штип Гордана Панјатова потврдува дека таблите се искршени меѓу 16 и 17 февруари, направен е увид од нивна страна и, како што рече, во тек е истрагата.

Ова е четврти случај на вандализирање на овие табли. Минатиот месец беше искршена таблата на Трасфузиологија, која се наоѓа во кругот на Клиничка болница – Штип.