Спасовски-Ди Мајо: С. Македонија живее историски период за остварување на стратешките цели

Премиерот Оливер Спасовски денеска оствари средба со италијанскиот министер за надворешни работи Луиџи ди Мајо на која се потврдени реформските достигнувања на земјава и нагласено е дека Италија ќе продолжи активно да се заложува земјава да ги почне преговорите со ЕУ.

– Живееме остварување на стратешките цели, по сѐ што постигнавме низ политиките на дијалог и на планот на реформите. Продолживме со реформите и остануваме цврсто определени на спроведувањето на договорите со Бугарија и со Грција. Се радуваме на остварените перспективи во НАТО и го очекуваме заслужениот почеток на преговорите со ЕУ.  Тоа е патот за развој на нашата држава и затоа како Влада остануваме мотивирани кон остварувањето и на оваа цел. Вреднувањето на примерот на позитивни политики што го покажавме како држава, ќе биде силна мотивација и за решавањето на отворените прашања во целиот регион, како и за Европска Унија кон којашто припаѓа и Западен Балкан, истакнал Спасовски.

На средбата, како што информираат од владината прес- служба, оценето е дека влегувањето на земјава во НАТО ќе значи и нови можности за соработка на економски и безбедносен план, како со Италија, така и со другите земји членки.

Покрај реформските достигнувања, потврдени се и воспоставените добрососедски односи и натамошните аргументи што ги дава земјава во определеноста кон напредок, како што е носењето на Законот за јавно обвинителство.

– Поради сето ова, соопштено е дека Италијанската Република како сведок на овие заложби, ќе ја пренесе пораката за оправданост на очекувањата на земјава за отворање преговори со ЕУ и ќе продолжи во првите редови активно да се заложува, тоа да се случи, се наведува во соопштението од Владата.