Штип ќе добие затворен базен во спортската зона Суитлак

Во Штип деновиве ќе почне изградбата на затворениот базен, соопшти денеска на прес-конференција градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски. Станува збор за енергетски ефикасен објект,  а инвестициајта на Агенцијата за млади и спорт е над 600.000 евра.

Локацијата на затворениот базен е во Суитлак, кај кошаркарското игралиште во населбата Деснаци.

-Сакам да ја информирам јавноста дека направивме доста големи напори во однос на обезбедување на соодветна локација, на која можеме да издадеме градежно одобрение, со цел граѓаните на Штип за првпат да имаат затворен базен, кој ќе го користат учениците од сите училишта, но и сите граѓани, вели Бочварски.

Објектот на затворениот базен е со димензии 30 на 20 метри, а самиот базен е девет на 25 метри, кој, како што вели Бочварски, ги задоволува критериумите за тренинг и најмалите да се учат во него да пливаат. Градоначалникот очекува изградбата да трае помалку од една година, а забележа дека спортската зона Суитлак почнува да се развива.

Прашан зошто се променија две локации во населбата Сењак, Бочварски со одговор дека и двете локации не одговарале на урбанистичките параметри, едната од локациите е земјиште, кое е дадено на и друга институција. Според него најважно е што како локална власт брзо реагирале во одредување на нова локација, со цел средствата за Штип да бидат искористени. Во однос на градежните активности кои се почнати на поранешниот Градски базен, Бочварски вели дека приватниот инвеститор за изградба на спортско рекреативниот центар „Брегалница“ го информирал оти таму веќе почнуваат со санација и набавка на опремата за Градскиот базен, кој лани за првпат не беше отворен за граѓаните во текот на летните месеци.

-Таму доста е дотраена инфраструктурата, а ние од наша страна видовте дека имавме еден прекоп и преместување на водоводната линија на оваа локација, токму за потребите на овој базен и за целиот комплекс „Брегалница“, заедно со хотелот којшто е проектиран и за кој имаме издадено градежно одборение, вели Бочварски.

На Градскиот базен предвидено е и инвеститорот да изгради и катна гаража.