Независна пратеничка група: Во предлагањето на забелешките се водевме од интересите на граѓаните и ЕУ интеграциите

Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија вели дека во предлагањето на забелешките за законот за јавно обвинителство биле водени од интересот на граѓаните и зацртаната стратешка цел за понатамошни ЕУ интеграции.

– Поради зголемениот интерес на целокупната јавност во однос на законот за Јавно обвинителство и ставот на Независната пратеничка група чувствуваме потреба да го доближиме и појасниме овој процес до вас, граѓаните. Пред една година кога темата стана актуелна, нашиот став беше усогласување на сите политички чинители и постигнување консензус. Во тој период ние имавме интензивни разговори и консултации со домашни и странски експерти. Во моментот кога оваа тема се издигна за суштинската потреба од враќање на надежта во правната држава, но и одењето во прилог на европскиот напредок на нашата држава. Носени од интересот на граѓаните и зацртаната стратешка цел за понатамошни ЕУ интеграции ние одлучивме да оформиме став и забелешки кои законското решение ќе го подобрат. Апелиравме на јавна расправа и учествуваме во интензивни преговори, се вели во соопштението од оваа пратеничка група.

Силно се заложивме за престанување на политички реваншизам и отпочнување на правда, велат пратениците и додаваат дека со одложената примена на овој закон даваме шанса за конечно усогласување на кривичниот законик со европското кривично законодавство.

-Ние успеавме јавниот обвинител да биде избран транспарентно. Дадовме конечен рок и постапка за уништување на нелегално стекнатите материјали и овозможивме како опозиционери да се избориме да нема употреба на нелегални докази. Важно е дека обвинителството ќе работи по овој закон без префрлање на надлежностите на СЈО. Нема автоматски трансфер на обвинители од СЈО во ОЈО и избор на нови преку легален, транспарентен процес, стои во соопштението од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија.