Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска се сретна со Јоргос Папандреу, претседател на Социјалистичката Интернационала и поранешен премиер на Република Грција.
На средбата беше разговарано за повеќе актуелни теми, спроведувањето на Договорот од Преспа, евроинтеграциите, како и за процесот на реформите.
– Договорот од Преспа го отвори вратите кон ЕУ и НАТО и затоа сме посветени на негово целосно спроведување. Граѓаните на двете земји за кратко време ги почувствуваа придобивките од Договорот. Трговската размена со Грција е порасната на 20 отсто, се случуваат повеќе инвестиции, се повеќе компании соработуваат меѓу себе. За нашата економија Договорот донесе бројни придобивки, имаме сериозен и постојан раст на БДП, отворивме 60.000 работни места, бележиме рекорден износ на странски директни инвестиции преку кои ја намаливме невработеноста на историски минимум, потенцираше Заев.
Осврнувајќи се на процесот на реформи, претседателот Заев истакна дека СДСМ преку инситуциите што ги предводи е силно мотивирана на реформите кои се важни за европската интеграција но и за самата држава и незините граѓани.
– Посветени сме на реализација на суштински реформи кои се во интерес на граѓаните. Последна потврда за тоа е договорот за Законот за јавно обвинителство. Законот е добар пример преку кој ќе покажеме дека имаме капацитет, дека сме подготвени да носиме битни одлуки. Законот за јавно обвинителство е потребен за да се расчистат целосно сите отворени предмети за сторен криминал и висока корупција, посочи Заев.
Претседателот на Социјалистичката интернационала, Папандреу му честиташе на претседателот Заев за постигнатите успеси на домашен и меѓународен план. Тој порача дека Социјалистичката интернационала останува доследен поддржувач на С. Македонија во процесот на пристапување во ЕУ и изрази надеж дека новата методологија за проширување на Унијата ќе обезбеди државите кои се посветени на европката агенда, побрзо да се приклучат на Унијата.
Од страна на двајцата соговорници беше изразена подготвеност СДСМ како социјалдемократската партија, повторно да стане дел од Социјалистичка интернационала и дека следуваат интензивни комуникации за пристапувањето да се реализира што побрзо.