Милевски: Со ИПА 2 градиме добрососедски односи преку меѓуграничната соработка со Албанија

 Девет проекти се финансирани од кои четири се завршени, а пет се активни и ќе завршат годинава во рамки на Програмата за прекугранична соработка меѓу Република С. Македонија и Република Албанија 2014-2020, како дел од претпристапна помош поточно ИПА фондови. Програмата ИПА II ја поддржува прекуграничната соработка во поглед на унапредување на добрососедските односи, негување  интеграција кон ЕУ и унапредување на социоекономскиот развој. Обезбедени се 11,9 милиони евра од кои Министерството за локална самоуправа кофинансира 15 отсто односно 1,19 милиони евра.

Ова денеска го истакна ресорниот министер Горан Милевски на презентацијата на реализираните активности при имплементација на проектите од првиот повик на ИПА Прекуграничната програма. Појасни дека Програмата за прекугранична соработка го покрива периодот 2014-2020 година и е поврзана со финансиска перспектива на Европската заедница.

– Во тек беше и сега е во фаза на евалуација еден стратешки проект со Албанија каде се обезбедени средства и ќе финасираме одредени проекти кои заеднички ќе ги договориме со албанската страна и ќе се помогне на охридскиот регион за некои од нивните стратешки области. Во овој период се финансираше потикнувањето на туризмот и културното и природното наследство, подобрување на конкурентноста, трговијата, економијата, инвестициите и третата област – заштита на животната средина, унапредување на приспособувањето на климатските промени, миграцијата, заштита и управување со ризик, рече Милевски.

Раководителот на секторот за соработка при мисијата на ЕУ во Скопје, Никола Бертолини истакна дека ЕУ досега има финансирано повеќе од 120 милиони евра во рамки на финансиската рамка која опфаќа период од седум години, почнувајќи од 2014 година до 2020 година која финансира имплементација на проекти за подобрување на меѓуграничната соработка.

Во овој контекст, потенцира, Република С. Македонија досега има развиено проекти со пет земји, вклучувајќи ги Албанија, Косово, Србија, Бугарија и со Грција. Нагласи дека овие проекти се во три сфери, а тоа е развој, како и развивање знаење за зачувување на животната средина, на културното наследство, развивање на туризмот, како и за развој на бизнис можностите и конкурентноста.

– Сите овие проекти ќе бидат кофинасирани и од државниот буџет и ова е единствена можност или поента која е уникатна за целиот западен балкански регион. Повеќе од 50 проекти од вкупните ЕУ фондови се наменети за општините во Република С. Македонија. Во самата ЕУ во финансирање на развој се обидуваме да се фокусираме на задржување на младите во општините. Главната порака која им ја пренесуваме на локалната власт е да можат максимално да го искористат младиот кадар во нивните општини. Неодамна побаравме од нив да ни обезбедат една личност која ќе соработува со нас, а ние ќе обезбедиме обука со цел тие да бидат во можност да развијат добар проект, истакна Бертолини.

Во врска со Програмата за меѓугранична соработка меѓу Република С. Македонија и Република Албанија, посочи дека не постои поголем ризик од неискористување на фондовите од ЕУ.