Зголемен бројот на институции што ќе објавуваат документи од интерес на граѓаните

Се проширува листата на институции кои задолжително ќе мора да ја објавуваат листата од 21 документ што се сметаат дека се од интерес на граѓаните. Владата на вчерашната седница донесе одлука да го зголеми бројот на овие институции. Првичната одлука за објавување на овие документи на веб страниците на институциите беше донесена пред нова година.

Портпаролот на Владата Миле Бошњаковски на денешната прес-конференција истакна дека ова прашање е многу важно за транспарентноста на Владата и оти се очекува овие институции да ја почитуваат одлуката која е во интерес на граѓаните.

Листата се проширува со јавни претпријатија, самостојни органи на државна управа основани од Владата, самостојни органи на државна управа основани од Собранието, правни лица со јавни овластувања, регулаторни тела основани од Собранието, акционерски друштва во државна сопственост и на единиците од локалната самоуправа. Овие институции ќе треба да ја објават листата со 21 документ и акти на своите веб страници.