Платформа „Пријатели на Шара“: Не прогласувањето на Шара за национален парк спротивно на повеќе политики за животна средина

Платформата „Пријатели на Шара“ соопшти дека тоа што не се преземаат мерки за итно прогласување на Шар Планина за национален парк е спротивно на повеќе политики од аспект на животната средина.

Од платформата истакнуваат дека во Законот за заштита на природа (член 75), што се однесува на забранети активности во национален парк, јасно стои дека во национален парк се поддржува одржливо користење на природните ресурси, односно не е забрането напасување стока.

– Важно е да се нагласи дека според Законот за заштита на природата, само во зоната за строга заштита се забранува напасување на стока, нешто за кое би се залагале во иднина да се промени, со цел одржување на пределите и високо планинските пасишта, велат од платформата.

Потсетуваат дека процесот на прогласување на делови од Шар Планина за национален парк ужива поддршка од 83 проценти од локалното население (според анкетата на „Пријателите на Шара“ објавена во 2016 година, а спроведена на испитаници од сите шест општини во Полог).

–  Одолговлекувањето на процесот на заштита оди во прилог единствено на поединци кои ги ставаат личните финансиски интереси пред општото добро. Информирани сме дека на почетокот на декември 2019 година во Министерството за животна средина и просторно планирање е предадена Студијата за валоризација на природните вредности на Шар Планина, во која се предложени надворешни и внатрешни граници (зони) на идниот национален парк од страна на експертски тим, но до овој момент, овој документ не е достапен за јавноста, стои во соопштението од платформата.

„Пријателите на Шара“ потенцираат дека државава ја има ратификувано Бернската конвенција за заштита на европскиот див свет и природните живеалишта.

– Во рамки на истата е идентификувана листа на Eмералд подрачја во која е вклучена и Шар Планина. Во исто време посочуваме дека нарушувањето на пределите на Шар Планина не оди во полза на алтернативните форми на туризам кои сѐ повеќе се нудат од страна на локалното население. Во време кога глобалната политика целосно се трансформира под притисок на климатските промени и огромната загуба на биодиверзитетот истакнуваме дека националните паркови и другите заштитени подрачја имаат поширока, заедничка вредност, односно нудат услуги за целата заедница и поширокото општество, а не само придобивки за секторите кои ги експлоатираат нивните ресурси, истакнуваат повеќето здруженија од платформата.

Не заштитувањето на Шар Планина не оди во прилог на остварување на целите од националните стратегии за заштита на природа и за заштита на биолошката разновидност, а на меѓународен план, не оди во прилог на воспоставување на мрежата на заштитени подрачја на Европската Унија – Натура 2000, како неодложна обврска на земјата на патот за пристапување кон Унијата, потенцираат од „Пријателите на Шара“, платформа која од 2015 година е со мисија за лобирање и поддршка на процесот за идно прогласување на Шар Планина за национален парк.

Членки организации на платформата се: Македонско еколошко друштво, Центар за едукација и развој – Теарце, Планинарски клуб „Љуботен“ и Иницијативата за граѓански интеграции од Гостивар.