Стартува младинскиот додаток, по 3.000 денари месечно за вработените во производството на возраст до 23 години

Стартува младинскиот додаток по 3.000 денари месечно за вработените во реалниот сектор на возраст до 23 години најавија денеска во Штип вицепремиерката задолжена за економски прашања Мила Царовска, дополнителната заменичка – министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ, директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска и штипскиот градоначалник Благој Бочварски.

Тие денеска во кругот на порашениот моден гигант „Астибо“, каде што сега се сместени повеќе штипски конфекции се сретнаа со вработените од неколку фабрики и со ученици од средни стручни училишта во Штип. Целта на средбата беше да се информираат младите лица на возраст до 23 години, како и нивните родители за надоместокот што им следува на помладите вработени во производствената дејност. Царовска посочи дека Владата во тесна соработка и континурана дискусија со организациите на работодавачи, стопанските комори, синдикатите и невладините организации креираше низа на мерки со кои се влијае на зголемување на платите, развојот на компаниите и подобрување на условите за работа на работниците.

– Наеднаш не можеме да го промениме светот, но ако се движиме со континуирана динамика, чекор по чекор, ќе постигнеме одлични услови за да младите сакаат да останат во нашата држава. За да имаме квалитетна економија, раст и развој на економијата и на компаниите мора да имаме и стручен кадар, обучени млади лица кои ќе сакаат да дадат дел од себе за развојот на економијата. Размислувајќи и дискутирајќи со работодавачите и синдикатите одлучивме дека оваа мерка треба да ја насочиме токму кон младите. Преку младинскиот додаток, младите лица до 23 години кои веќе работат во индустријата или планираат да работат во производството ќе добијат по 3.000 денари на нивната плата на месечно ниво. Таа нема да се исплаќа преку работодавачот, туку на нивната индивидуална сметка, преку Агенцијата за вработување, изјави Царовска.

Забележа дека во минатото постоеше негативна слика кај младите лица за вработување во индустриски капацитети, поради прекршување на работничките права кај одредени работодавачи, што веќе не е случај, односно условите за работа континуирано се подобруваат, платите континуирано растат, се со цел да се задржат младите лица во нашата држава.

-Гледате дека денес сме сите заедно: и организации на работодавачи и синдикати и невладини организации и институции, се со цел да покажеме дека преку партнерство и дијалог можеме заеднички да го подобриме целото општество и економијата: да растат платите, да растат и компаниите и да се почитуваат работниците. Без работници, нема силна држава. Ве повикувам сите што сте тука, но пренесете и на други млади луѓе, од наредната недела да почнете да аплицирате во Агенцијата на вработување и на своите сметки ќе добиете секој месец по 3.000 денари. Ова се однесува на сите млади до 23 години кои се вработени или планираат да се вработат во производството, рече Царовска.

Дополнителната заменичка – министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ истакна дека со младинскиот додаток се опфаќаат вработувања или самовработување со претежна производствена дејност или земјоделство.

– Она што ние сакаме и на што работиме е да имаме не само вработувања на младите, туку сакаме сите вие и сите ние, да имаме добро платени и квалитетни работни места. Младински додаток е токму таква мерка, со која се овозможуваат подобро платени работни места за младите луѓе, рече Шкријељ.

Директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска посочи дека покрај практиканството, обуките за напредни ИТ и други вештини, младинската гаранција од оваа година се воведува и мерката младински додаток. Таа детално го појасни начинот на аплицирање на младите лица за да станат корисници на мерката.

-Барањето за користење на мерката ќе се пополнува во Центарот за вработување, електронски. Вие имате обврска само да понесете лична карта. Сите други податоци што се однесуваат на вашиот работен однос, на фирмата, на дејноста ќе ги преземе Агенцијата за вработување по службена должност од останатите надлежни органи односно од Управата за јавни приходи или од Централниот регистар. Во континуитет ќе се носат решенијата, ќе се врши исплата и она што би сакала да го нагласам е дека исплатата ќе биде од 1 декември, па наваму. Сите што ќе аплицираат ќе добијат финансиски средства и за месец декември и за месец јануари. Центарот за вработување Штип, како и останатите центри стојат на располагање за сите активности, за сите чекори. Има само едно обично барање, кое вие заедно со нашиот службеник ќе го пополните, ќе добиете решение и ќе следува исплата, рече Јовановска.

На средбата присуствуваа и преставници од Организацијата на работодавачи, невладината организација „Гласен Текстилец“, како и претставници од Текстилниот кластер. Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи даде позитивни коментари за мерката и посочи дека е одлична можност за сите млади вработени во компании од сите индустрии: преработувачка, металната, текстилната, земјоделство кожарство, изработка на мебел и други.

Со цел да се обезбеди подобар живот на младите вработени лица до 23 години во производствена дејност од оваа година, во рамките на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот воведувена е мерката младински додаток. За исплата на месечниот додаток од 3.000 денари за годинава предвидени се 160 милиони денари и се очекува да го примаат околу 4.000 лица.