Попова Шапка чека стабилно време за да може да се скија

Иако два дена по ред врне снег на Попова Шапка се уште нема
услови за скијање на терените на овој скијачки ценатар. Причината е силниот ветер што го разнесува снегот.

– Врнеше снег два дена интензивно, но уште посилен е ветерот. Имаме информација дека ветерот достигнува и до 75 километри на час што е причина да не може да се задржи на ски терените. Секој ден врнеа по 20-тина сантиметри. На некои места каде се задржани наноси од снег има покривка и повисока од 40-тина сантиметри, изјави директорот на скијачкиот центар „Попова Шапка“ подружница на ЕЛЕМ Турс, Живе Алексовски.

Доколку се стабилизира времето односно намали ветрот и има нови снежни врнежи уште во текот на наредниот ден би можело да се скија на Попова Шапка.

-Машините за подготовка на снегот може веднаш да излезат на терените и за кратко време да ги оспособат, само да се нормализира времето и да не ја одвее снежната покривка. За почеток може да се вклучат шест од ски-лифтовите Поток 1, Поток 2, Свети Илија, Ајдучка рамнина, Аеродорм и Церипашина. Покрај повеќе снег за новата шестоседна жичница треба употребна дозвола од министерството за транспорт и врски, истакна Алексовски.

За да се пуштат во употреба ски-лифтовите за скијачи потребни се најмалку 30-тина сантиметри снег. Оние кои веќе набавиле ски карти истите ќе може да ги употребат.