Царовска смета дека нема ништо спорно во исплатата на К-15 предвидена со колективниот договор за администрацијата

Вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска смета дека нема ништо спорно во тоа што е предвидена исплата на К-15 во колективниот договор за државната администрација што треба да го потпишат Министерството за информатичко општество и Синдикатот на УПОЗ.

Таа денеска одговарајќи на новинарски прашања, рече дека ако социјалните партнери увиделе дека К-15 е важно за да се обезбедат квалитетни работни места или работниците да се чуствуваат подобро, тогаш тоа е прашање кое тие заеднички го надминале.

– Она што државата го направила при преговарањето на претходните структури на синдикатите и претходната влада е губење на повеќе од правата и во реалниот, и во јавниот сектор. Сметам дека ако социјалните партнери МИОА и Синдикатот на УПОЗ утврдиле дека ова е прашање кое и е потребно на одредена група работници, тогаш тоа е прашање кое го надминале. Ако двете страни се согласат дека нешто е важно, тогаш кој е тој однадвор кој ќе каже дали е тоа важно или неважно, рече Царовска.

Според Царовска, не смее да се генерализира продуктивноста на администрацијата бидејќи, како што рече, дел од администрацијата можеби не е целосно продуктивен, но има и дел кој покажува одлични резултати.

– Сите мерки за кои зборуваме и сите економски политики што ги спроведуваме се искреирани и се имплементираат од одреден дел од администрацијата. Сметам дека не смееме да девалвираме ниту еден работник во државата бидејќи имаме мал човечки потенцијал кој треба да биде употребен во развој на државата. Како вицепремиер ќе настојувам постојано да го поддржувам работниците кои се продуктивни и да обезбедиме можности сите плати во државата да растат, рече Царовска.

Додаде дека рационализација на одредени институции е потребна и оти тоа е нешто за кое се разговара и преговара.

Текстот на колективниот договор за администрацијата вчера беше утврден на владина седница. За него изминатите две години преговараа Министерството за информатичко општество и администрација и Синдикатот на УПОЗ. Меѓу другото, едно од барањата на Синдикатот беше и исплата на К-15.