Делегација на Уставниот суд на Република Северна Македонија, предводена од претседателот Сали Мурати, судијата Јован Јосифовски и советникот Лариса Милевскa, од 29 јануари до 1 февруари, присуствуваше на свеченото отворање на судиската година на Европскиот суд на човекови права и на семинарот одржан во Стразбур, Република Франција.
Претседателот на судот Мурати со другите членови на делегацијата, соопштуваат од прес-службата на Судот, на 30 јануари остварил работна средба со претседателот на Европскиот суд за човекови права, Линос-Александре Сицилианос. На средбата присуствувале и судијата на Европскиот суд од Република Северна Македонија, Јован Илиевски и Родерик Лидел, регистратор на Европскиот суд.
На средбата, како што се наведува во соопштението, претседателот на судот Мурати, се заблагодарил за одржувањето на средбата, која е прва официјална средба во последниве неколку години и упатил покана до претседателот на Европскиот суд, Сицилианос да го посети Уставниот суд на Република Северна Македонија со цел продлабочување на соработката и размената на мислења и искуства помеѓу двата суда.
Мурати го запознал претседателот на Европскиот суд Сицилианос за работата и надлежностите на Уставниот суд и предизвиците со кои се соочува судот и се од огромно значење за кредибилитетот на судот и неговите секојдневни активности. Покрај ова, ја истакнал потребата од финансиска, функционална и административна независност на судот со цел воздигнување на статусот на судот и уставните судии.
На средбата била нагласена потребата од воведување уставна жалба како важен инструмент со кој би се зголемил корпусот на човековите права и слободи кои би биле под уставно-судска заштита. Во оваа насока, претседателот на судот Мурати ја искажал потребата од донесување на закон за Уставниот суд, кој сега е во нацрт-верзија и е во рамки на европските стандарди. – Ова од причина што Судот во моментот го применува Деловникот на Судот кој е донесен во 1992 година и истиот не регулира многу спорни прашања, а од друга страна, од членот 110 став 3 од Уставот може да се констатира дека се заштитуваат само одредени права и слободи на човекот и граѓанинот, се наведува во соопштението.
Во контекст на заштитата на човековите слободи и права, претседателот Мурати побарал помош и поддршка од Европскиот суд за човекови права и неговите инструменти во донесување закон за Уставниот суд, за воведување на уставната жалба, едукација на стручниот кадар во примената на уставната жалба со цел заштитата на човековите слободи и права да биде ефикасна, благовремена и во согласност со одлуките донесени од ЕСЧП.
Претседателот на ЕСЧП Сицилианос, го искажал своето задоволство за одржување на оваа официјална работна средба која е од огромно значење за соработката на двата суда и исто така истакнал дека по поминувањето на сите филтри во однос на донесувањето на закон за Уставниот суд и воведување на уставна жалба во нашата држава, како и филтерот пред Венецијанската комисија, Европскиот суд за човекови права со своите капацитети ќе ја даде својата поддршка во оваа насока.
На Семинарот на тема: „Европската Конвенција за човекови права: 70 години жив инструмент”, на кој присуствуваа претседатели и судии на уставни и врховни судови од светот, биле елаборирани неколку теми: „Жив инструмент: развојна доктрина“, „Родова еднаквост“, „Животна средина“ и „Наука и технологија“.
За време на престојот, делегацијата на Уставниот суд остварила неколку средби со претставници на повеќе европски уставни судови и од светот, како и со судии на ЕСЧП, во насока на продлабочување на досегашните билатерални соработки, како и остварување на нови соработки помеѓу судовите, во однос на надминување на предизвиците со кои се соочуваат уставните судови и изнаоѓање на решенија по прашањата од уставно-судска надлежност.