Голем интерес пријавиле земјоделците од Општините Штип и Карбинци на последниот јавен повик на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) за добивање на државно земјоделско земјиште со површина до три хектари. Раководителот на подрачната единица на МЗШВ, Павел Иванов за МИА вели дека конкурирале над 250 земјоделци, сточари и фирми.
Повикот е завршен, а Комисијата која е формирана од страна на ресорното министерството веќе ги разгледува и работи на поднесените апликации.
-Голем дел од нив се млади луѓе, можам слободна да кажам дека од вкупниот број на доставени апликации од нив од 30 до 40 отсто се од млади земјоделци и сточари, кои првпат се евидентираа во системот, се со цел, да можат да аплицираат на јавниот повик, за да можат да добијат државно земјоделско земјиште, изјави Иванов.
Земјоделците на возраст до 40 години се ослободуваат од плаќање на закуп за првите три години. Сточарите на доделеното земјиште ќе посеат житни култури за добивање на сточна храна, додека новите земјоделци имаат поинакви планови.
-Кај младите луѓе интересот е огромен за добивање на државно земјоделско земјиште на кое што ќе можат да посадат овошни и лозови насади, додаде Иванов.
Според мерките од ИПАРД 2 програмата, инвестициите на младите земјоделци во земјоделските стопанства ќе бидат кофинансирани во висина до 65отсто.