Пратениците ги пренесоа искуствата од студиската посета на САД

Исклучително успешна беше студиската посета во САД „Законодавни алатки за борба против корупцијата за подобрување на економскиот развој“ во организација на Меѓународниот републикански институт (ИРИ). Ова е заклучокот од денешната работна средба што се одржа во Собранието, каде искуствата и знаењата стекнати на студиската посета на САД ги пренесоа потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, Артан Груби, претседател на Комисијата за европски прашања, Лилјана Кузмановска, претседателка на Комисијата за финансирање и буџет.

Студиската посета се реализирала во септември 2019 година, во Вашингтон и во Индијанаполис, Индијана. Во оваа студиска посета покрај претставници од нашата држава, имало претставници и од Албанија, Србија и Романија или вкупно 11 пратеници.

Потпретседателот на Собранието Мисовски се осврна на експертите со кои се сретнале во делот на едукација. Посебен впечаток нас, на тројцата, како што рече, ни оставија експертизите во делот на борбата против корупција, нивното познавањето на Балканот и состојбите во нашата држава.

– Посетата беше исклучително значајна и имаше што да научиме, потенцира Мисовски.

Кузмановска рече дека црпеле искуства и знаења од една држава која, како што рече, има пријателски однос и помош кон Македонија. Таа ги претстави одделно средбите и експертите со кои се сретнале, претставници на политички партии и посочи дека таму сите работат заедно, против корупцијата и во заеднички интерес и за доброто на САД.

Груби изрази благодарност до ИРИ, до Стејт департментот, до Амбасадата на САД во нашата држава. – Имавме прилика да ја видиме административната и вистинската Америка. Административната ја видовме во Вашингтон, рече Груби. Додаде дека посетата вредела и изрази надеж дека и остатантите пратениците ќе можат да бидат дел од други посети и да научат нешто ново.

Илина Мангова, заменик-директорка на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) изјави дека фокусот на оваа посета бил ставен на законодавни инструменти за борба против корупција и нормирање етички правила, етички норми на однесување во законодавните тела на државно ниво во САД, како и на локално ниво.