ССНМ, СЕММ и ЗНМ ја потпишаа Повелбата на Европската федерација на новинари

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) ја потпишаа Повелбата на Европската федерација на новинари за услови за работа на новинарите, а ССНМ презентираше и нацрт фер договори за вработување за новинари и медиумски работници во дигиталните медиуми.

Повелбата на ЕФН која беше промовирана лани во Белград досега ја потпишале 19  медиумски организации, синдикати и новинарски здруженија.

-Во Повелбата има десет члена кои ги опфаќаат условите и факторите во процесот на работа кои се клучни за професионално, објективно и слободно извршување на новинарската професија. Тоа се слобода на здружување, право на пишан договор, право на колективно преговарање, недискриминација при вработување, право на одмор и исклучување, право на заштита на новинарските извори, право на непотпишување одредена содржина, безбедност и заштита, добро владеење и етички стандарди и пристојни услови за работа, рече Дарко Дуридански од ССНМ.

Синдикатот денеска претстави и два т.н. нацрт фер договори за вработување во дигиталните медиуми – за новинарите и за снимателите и фоторепортерите, кои ССНМ ги изработи минатата година со поддршка на Меѓународната федерација на новинари и организацијата „Union to union“  и во соработка со „Onlimit media“.

-Иако на прв поглед изгледаат како обични договори за вработување, во овие договори вклучивме одредени членови специфични за нашата професија, а дел од нив се извлечени од Повелбата. Се трудевме максимално да го заштитиме новинарот и неговиот професионален интегритет, а притоа тоа да биде барем минимум прифатливо за сопствениците. Главна цел е да се намали прекаријатот односно несигурната работа, без социјално и пензиско осигурување, со краткотрајни договори и слично, рече Дуридански за нацрт договорите кои ССНМ ќе ги објави на својата интернет-страница ssnm.org,mk. Ги повика заинтересираните организации и медиуми што сакаат да ги прифатат договорите и Повелбата да се пријават во канцеларијата на ССНМ.

Повелбата за условите за работа на новинарите ја потпишаа претседателите на СЕММ и ЗНМ – Катерина Синадиновска и Младен Чадиковски, кои го поздравија и изработувањето на фер договорите за дигиталните медиуми. Сметаат дека ќе имаат влијание во зголемување на свеста и кај сопствениците на медиуми, но и кај самите новинари дека имаат права.

-Не може да има професионално и независно новинарство и не може да се почитуваат етичките стандарди во онаа мерка колку што би сакале доколку нашите колеги секојдневно се соочени со притисоци, сврзување крај со крај, недоволен финансиски надомест за она што го работат, со цензура, самоцензура и со разни други притисоци, рече Синадиновска.

Чадиковски истакна дека и менаџментот и новинарите мора да сфатат дека треба заедно да функционираат на највисоко ниво и да се штитат едни со други.

-Бидејќи само така ќе добиеме повисоки стандарди во нашата професија, рече Чадиковски и додаде дека ЗНМ секогаш ќе го помага новинарскиот синдикат за целосна примена на Повелбата за услови за работа на новинарите. Европската федерација на новинари ја одреди 2020-та за година на кампања за промоција на Повелбата .