Заев: Законот за јавно обвинителство ја гарантира европската иднина на државата

Носењето на законот за јавно обвинителство ја гарантира европската иднина на државата. Секое попречување на овој процес значи бегање од правдата и оддалечување од Европската Унија. Да покажеме вистински демократски капацитет за градење на силни и независни институции, кои ќе се борат против криминалот и корупцијата, напиша на Фејсбук претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

Пораката од Заев доаѓа по завршувањето на дводневната стручна расправа во собраниската Комисија за политички систем и пред утрешната нова средба на работната група за законот за јавно обвинителство.

Министерката за правда Рента Дескоска на Фејсбук најави дека утре во 11 часот ќе се одржи средба на работната група со сите пратенички групи, со цел да усогласи текстот кој ќе влезе во собраниска процедура.

Предлозите за номотехничко уредување на текстот, како што соопшти Министерството за правда ќе бидат испратени до работната група која го подготви Предлог – законот за Јавното обвинителство, но и до Секретаријатот за Законодавство која е надлежна институција по ова прашање.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска најави дека доколку до Парламентот биде доставен усогласен Предлог-закон за јавно обвинителство и по содржина и со договорено мнозинство, тој веднаш ќе биде ставен на собраниска седница.

– Има таква деловничка можност, изјави Џафери на средба со новинарите, додавајќи дека се зависи од волјата на парламентарниот состав.