Средба на министерката Мизрахи со австрискиот амбасадор Георг Вуцас

Министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи оствари средба со амбасадорот на Австрија Георг Вуцас на која, како што информираат, биле истакнати добрите односи меѓу двете земји, а кои се долгогодишни и посебно истакнати во делот на австриската поддршка во многу проекти од областа на пазарот на трудот и социјалната заштита.

Министерката, информираат од нејзиниот кабинет, активно го поддржува и Меморандумот за соработка од областа на трудот и социјалната  политика потпишан меѓу двете земји во 2014 година којшто, меѓу останатото вклучува размена на искуства од областа на трудот и социјалната политика, право на вработените од областа на безбедност и здравје при работа и трудовата инспекција, развој на социјалниот дијалог и други области.

Мизрахи, исто така, посочила дека министерството е отворено за продолжување на Проектот за воспоставување и поддршка за услуги за вработување во Македонија 2019 – 2021 година за кој верува дека ќе придонесе во намалување на бројот на млади кои не се вклучени во образованието, пазарот на трудот и обуки.

Амбасадорот Георг Вуцас, се вели во соопштението, бил задоволен од средбата, конструктивноста и позитивноста на министерката Мизрахи за успешно продолжување на почнатите проекти, како и во насока на идна соработка на социјално, економско и културно поле. Тој ја потврдил и поддршката на процесите во  Министерството за труд и социјална политика коишто се во правец на унапредување на системот во областа на пазарот на труд и социјална политика.