Џафери ја потпиша заедничката Декларација на Самитот на претседатели на парламенти од Западен Балкан

Потпишување на заедничката Декларација на Самитот на претседатели на парламенти од Западен Балкан

Претседателот на Собранието на Република С. Македонија, Талат Џафери во Брисел учествува на Самитот на претседатели на парламенти на земјите од Западен Балкан и на Европскиот парламент, кој се организира под покровителство на претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли.

Самитот, поделен на три дела, во првиот дел опфати дискусија за зајакнување на меѓупарламентарната соработка и иднината на Европа, во вториот дел размена на мислења со координаторите на политичките партии застапени во Европскиот парламент и на крајот, размена на мислења на претседателите на парламентите на шесте држави од Западен Балкан со членовите на работната група за Западен Балкан на Комисијата за надворешна политика во Европскиот парламент.

Заеднички беше оценето дека организирањето на Самитот покажува дека Европскиот парламент ги гледа земјите од Западен Балкан како партнери и сака да го слушне нивниот глас, дека политиката на проширувањето е една од најсилните и најуспешни политики на Европската унија и дека процесот е двонасочен а придобивките обострани. Учесниците се согласија дека, соработката треба да се интензивира а односите да останат блиски, бидејќи целта е заедничка а тоа е, да се надминат скептицизмот и некои непопустливи ставови, а парламентите да имаат зајакната улога во процесот на евроинтеграција.

Претседателите на парламентите на Република Албанија, на Босна и Херцеговина, на Република Косово, на Црна Гора, на Република С. Македонија и Република Србија, заедно со претседателот на Европскиот парламент и претседателот на Парламентот на Република Хрватска, како претставник на хрватското претседателство со Советот на Европската унија, усвоија и потпишаа заедничка Декларација, како одраз на заедничките заложби и посветеноста за зајакнување на парламентарната димензија на процесот на проширувањето.