Мицкоски се сретна со прилепските стопанственици и со Синдикатот на „Еурокомпозит“

Во рамките на активностите на ВМРО-ДПМНЕ за теренски средби со граѓаните и со стопанствениците, претседателот на оваа партија, Христијан Мицкоски денеска се сретна со прилепските стопанственици во просториите на Регионалната стопанска комора во Прилеп.

Тој изјави дека средбата е за изработката на изборната програма на партијата која, како што рече, ќе понуди мерки за решавање на проблемите на стопанството.

– Со прилепските стопанственици  разговаравме и ги слушнавме сите критики, не само за оваа Влада, туку и за сите влади во изминатите 28 години независна македонска држава. Ги презентиравме нашите политики и мерки кои се дел од нашата програма, а дел од мерките се во согласност со нивните потреби и барања. Свесни сме за реалноста и разочарувањата во Македонија и дека не е баш убава перцепцијата за политичарите. Стопанствениците ги изнесоа главните проблеми со кои се соочуваат: инфраструктурата, непредвидливоста за законски решенија, даночната политика, политиката со акцизите, рече Мицковски.

Тој денеска се сретна и со претставниците на Синдикатот и вработени во наменската фабрика „Еурокомпозит“. По разговорите изјави дека има можни решенија за проблемот, кој е алармантен во „Еурокомпозит“.

– Имаме визија и знаеме како да понудиме решенија, нема да ветуваме чуда, бидејќи имаме конзервативен пристап, односно вети она што можеш да го испорачаш, а не популистички само за да останеш во фотелјата. Во „Еурокомпозит“ ситуацијата е алармантна. Станува збор за долгови повеќе од пет милиона евра, кон вработените и доверителите. Разговарамве за тоа што им било ветувано, прво од поранешниот вицепремиер Анѓушев, а потоа од господинот Заев. Нашиот одговор е дека од сето тоа што го слушнавме ќе се обидеме ќе се обидеме да извлечеме решение кое ќе биде долгорочно и во корист на оние над 60 вработени кои се во фабриката, а и за оние 150-тина кои се технолошки вишок, посочи Мицковски.

Претседателот на Синдикатот на „Еурокомпозит, Роберт Богданоски вели дека досега имале многу ветувања со години, но се уште нема решение за проблемите во фабриката во која вработените во моментов се на принуден одмор.

Богдановски истакна дека нема никакви промени, состојбата е лоша и дека барале, но не овозможиле средба со Владата. Инаку, потенцира, директорот ни ги продолжи решенијата за принуден одмор до крајот на февруари.

– Немаме струја во фабриката, ниту пак работа. Бевме поканети од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за да му ја кажеме нашата состојба. Го запознавме со проблемот и од времето кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт и сега. Се надеваме дека ќе направат некој притисок во Владата и дека ќе се реши нашиот проблем. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ни рекоа дека немало пари во буџетот за нашите придонеси иако Законот е донесен и потребен бил ребаланс. Но, сите досега ни ветуваат, а нашиот проблем се уште не е решен. Мицкоски рече дека ќе разговара со министерот за внатрешни работи и дека имало шанси да се префрлат дел пари за договорот со Министерството, а ние во наредните два-три месеца да сработиме. Инаку, МВР ни должи околу 1,7 милиони денари, а нашата фирма должи производи за околу 700 000 евра. Ние бараме да ни ги исплатат парите со кои ќе набавиме репроматеријали и да ги завршиме обврските кон Министерството, додаде Богданоски.