Мизрахи во Сараево: Проактивно ќе се вклучам во борбата со непријавената работа

Министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи денеска на регионална конференција во Сараево порача дека проактивно ќе се вклучи во борбата со непријавената работа.

– Состојбата на пазарот на труд во Република Македонија е слична како и во останатите држави во нашиот регион како Албанија, Црна Гора и Косово. Она со што се соочуваме како предизвик е дека луѓето се немотивирани за да бидат дел од пазарот на труд и формалното образование не ги прати трендовите кои се барани на пазарот на труд. Истовремено дел од активните мерки не ги следеа вистинските потреби и барања на лицата кои треба да бидат баратели на работа. Непријавената работа е проблем за сите, напорно ќе работам да изградам мостови помеѓу понудата и побарувачката кои ќе го отворат патот за одржливи, долгорочни и безбедни работни места. Со мерките кои ги преземаме ги стимулираме работодавците да ги пријават непријавените работници и да го дестимулираме работењето на „црно“, истакна Мизрахи.

Според неа, непријавената работа доведува до намалување на работната сигурност и безбедност при работа, а пониските плати поврзани со неа може да доведат до нееднаквост и сиромаштија.

– Во таа насока, ќе се креира систем за следење на неформалната економија вклучувајќи ја и размената на податоци помеѓу министерствата и инспекциите, воспоставување на систем базиран на ваучери или еквивалентни механизми кои што промовираат подобри работни услови, развивање на алатки кои што ги олеснуваат процедурите за инспекција за превенција на непријавена работа, како и спроведување на активности за подигнување на свеста за придобивките од транзицијата кон формалноста, рече Мизрахи.

На конференција учествуваат високи претставници од министерствата за труд, јавните служби за вработување, инспекторатите за труд, социјални партнери и експерти од Западен Балкан. Тие разговараат за тековните и идните мерки против главните предизвици за создавање на повеќе и подобри работни места во регионот, а посебен акцент е ставен на политичките пристапи за трансформирање на непријавената во пријавена работа.

Конференцијата во Сараево е во рамки на ИПА регионалниот проект „Платформа за вработување и социјални прашања 2 – ЕСАП 2“, што се имплементира од ноември 2019 до октомври 2022 година.