Македонските компании ќе имаат можност да учествуваат на второто издание на претстојниот настан КОНЕКСТ 2020, индустриски состанок на Конфиндустрија Италија, што ќе се одржи на 27 и 28 февруари годинава во Милано, Италија, порача денеска амбасадорот на Италија, Карло Ромео, на одбележувањето на едногодишно работење на Италијанско-македонската стопанска комора.
На претстојниот настан, КОНЕКС 2020, амбасадорот Ромето истакна дека очекува голема заинтересираност на македонските фирми кои ќе имаат можност да се сретнат со голем број италијански, но и странски фирми.
Според него, многу е важно македонските компании да учествуваат на овој состанок затоа што ќе можат да разменат искуства и да развијат соработка со италијанските компании и со компаниите од Источна Еропа. Настанот, како што рече, е и можност за привлекување италијански инвестиции во земјава оти тоа е голема организација.
-КОНЕКСТ 2020 е еден убав и голем настан кој што се организира втор пат бидејќи минатата година имаше навистина голем успех. Овој настан е многу важен затоа што е единствен простор на кој што ќе се најдат многу излагачи, не само италијански, и разни компании од светот на финансиите, универзитетите, но ќе има простор и за сите други останати компании од другите земји, додаде Ромео.
Во Комората учествуваат околу 150 илјади компании од различни сектори, а последниве десет години, како што истакна амбасадорот на Италија, присутни се и странски компании, во партнерство со Индустриската Комора.
На состанокот, како што појасни Ромео, исто така ќе има и наменски средби кои што главно ќе бидат фокусирани на четири интересни теми: интелигентна фабрика, паметни градови, одржливост на планетата и човекот во центарот на размени.
-Со оглед на тоа дека ова е национален настан, што го организира Индустриска комора, сепак сакаме да го истакнеме и меѓународниот карактер каде се поканети и македонските компании и сакаме се повеќе да го акцентираме овој меѓународен карактер на настанот. Јас навистина посакувам поголемо присуство, бидејќи тоа е можност за македонските компании да се сретнат и со италијанските компании со различни димензии, но и можност да се сретнат со странските компании од Источна Европа, Русија и други земји, додаде амбасадорот.
Летиција Пици на денешната промоција на КОНЕКСТ 2020 во Скопје напомена дека веќе десет години се присутни во Источна Европа, особено на Балканот, и појасни дека Комората брои 11 здруженија за Источна Европа меѓу кои се Македонија, Србија, Бугарија, Украина, Полска, Унгарија, Црна гора..
-Оваа година е второто издание на КОНЕКСТ и секако, самото издание има одредена мисла, одредена насока која што ќе ја води Индустриската комора. Она што го посочивме како особена предност беше добра соработка и одлична поврзаност меѓу компании кои што работат на различни продукти, додаде Летиција.