Од годинава, со нова електронска платформа при регистрирање на фирма во Централниот регистар ќе може да се изврши и доброволна регистрација за ДДВ обврзник. Ова денеска го најави министерката за финансии Нина Ангеловска на одбележувањето на 18-годишнината на Централниот регистар. Посочи дека ова ќе биде големо олеснување за фирмите бидејќи преку е-платформата ќе можат да се завршат сите формалности за започнување бизнис.
-Преку електронската платформа на Централниот регистар ќе може да се регистрира фирма, да се регистрира вработувањето на првите вработени во Агенцијата за вработување и да се изврши регистрација за ДДВ обврзник – односно скоро се што е потребно за формално започнување бизнис. Како човек кој доаѓа од реалниот сектор, можам да кажам дека ова е исклучително олеснување за оние кои започнуваат бизнис, рече Ангеловска.
Внесувањето на податоците за доброволна регистрација за ДДВ цели, како што рече, Централниот регистар ќе го врши електронски, преку поврзување на своите регистри со базите на податоци на УЈП, при што УЈП ќе го доставува бројот на ДДВ во рок од 90 минути од доставувањето на податоците од страна на Централниот регистар. Целокупната документација потребна за регистрирање на фирма се поднесува во електронска форма, потпишана со електронски потпис од овластени лица.
Таа посочи дека способноста на Централниот регистар да одговори на задачата е од исклучително значење бидејќи игра значајна улога во создавањето на подобра бизнис клима и олеснување на животот на претприемачите и бизнисите.
– Првиот чекор кон реализацијата на секоја бизнис идеја започнува од Централниот регистар, регистрирање на фирма. Да се биде претприемач и да се води бизнис не е лесно никаде и не ни може да биде, потребна е многу напорна работа, постојано учење и справување со предизвици. Институциите тука треба да одиграат улога на ветер во грб, а не сидро кое ќе влече назад. Како? Така што во континуитет ќе работат на олеснување на процедурите, на скратување на постапките, правејќи ги истите лесни за употреба за сите, рече Ангеловска.
Таа посочи дека дигитализацијата e начинот на кој институциите можат ова да го постигнат и оти Централниот регистар во текот на годините голем дел од своите услуги ги направил електронски. Потсети дека ако порано требало да се носат хартии документација за да се регистрира фирма, денешните млади претприемачи тоа можат да го направат преку својот компјутер, додека времето изгубено по шалтери можат да го пренасочат на раст и развој на бизнисот. Ангеловска рече дека бројот на нови фирми секоја година се зголемува и дека во 2019 година има регистрирано над 6.200 нови фирми.
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски ја истакна одличната соработка со Централниот регистар и додаде оти граѓаните и фирмите се задоволни од услугите кои ги добиваат од оваа институција. Централниот регистар, како што рече, е лидер во дигитализацијата и еден од нашите први партнери кои ќе нудат услуги на националниот портал за електронски услуги uslugi.gov.mk
– Во моментов uslugi.gov.mk е наменет само за граѓани. За нешто повеќе од еден месец од лансирањето на порталот, осум илјади граѓани ги користат 128-те електронски услуги. За нив чекањето по шалтери и во долги редови веќе е минато. Бројот на регистрирани корисници и бројот на услуги постојано расте, а следна фаза од развојот на овој портал е тој да биде наменет и за бизниси и тука главна улога ќе има Централниот регистар како единствен регистар на правни лица во државата, рече Манчевски.
Директорката на Централниот регистар Марија Бошковска – Јанковски се осврна на досега реализираните проекти, издвои дел од стратешките активности и потенцира дека нивен најголем приоритет останува посветноста кон сите корисници, партнери и соработници.
Увери дека Централниот регистар во наредниот период ќе продолжи во остварување на своите цели кои, како што рече, се ставени во функција на подобрување на деловната клима и промоција на нашето стопанство во регионот и пошироко.
Централниот регистар им доделени плакети за успешна соработа на Министерството за финансии, МИОА, УЈП, Адвокатската комора на Македонија, Комората на сметководители, Нотарската комора на Македонија, ГИЗ…