Општина Велес ќе ја заштити клисурата Пешти од дивоградби

Градоначалникот Аце Коцевски, заедно со заменик министерот за животна средина Јани Макрадули, денеска, при презентацијата на неодамна направениот асфалтен пат до Пешти, рече дека општина Велес размислува како да ја заштити клисурата на Бабуна од дивоградби.

Клисурата Пешти во 2001 година беше прогласена за карактеристичен пејсаж од страна на општина Велес, а на предлог на тогашниот и сегашен градоначалник Аце Коцевски.

Локалната власт во Велес треба итно да го реши проблемот со над 70 дивоградби покрај реката Бабуна и во во непосредната околината на клисурата Пешти, а чиј број постојано расте.

Како што појасни Коцевски, сопствениците со измените на законските регулативи сега имаат право истите да ги легализирани со една обична изјава дека во случај на оштетувања на нивните куќи од поплавен бран на реката Бабуна нема да бараат парично оштетувања од државата.

Градоначалникот Аце Коцевски кој денеска го посети локалитетот Пешти со својот гостин, заменик министерот за животна средина Јани Макрадули во врска со овој проблем појасни дека и покрај тоа тие досега не легализирале ниту еден објект од диво изградените куќи и затоа разговараат, бараат помош и се консултираат со надлежните владини ресори.

Тој појасни дека ако диво изградените куќи од кои голем дел се во непосредна близина на реката Бабуна ако се легализираат тие како локална власт доаѓаат во судир со друг закон кој вели дека крајбрежниот појас околу реката Бабуна во ширина од 50 метри треба да биде достапен за спорт и рекреација за сите граѓани.

Коцевски се пожали дека со изградба на бесправните објекти дел од сопствениците ги преградуваат платиновите стебла кои се заштитени со закон.

Заменик министерот Јани Макрадули појасни дека за овој предел повторно да биде прогласен за карактеристичен предел,треба да направат проценка и доколку се работи за површина помала од 100 хектари, тогаш може само со елаборат да се прогласи за природна реткост.

Но доколку површината е поголема од 100 хектари тогаш според Законот за природа мора да се направи ревалоризација на убавините, да се оценат карактеристиките што ги има и потоа дури да потпаднат во една од категориите што постојат во Законот за природа.

-Во зависност од заштитеното подрачје во кој степен ќе биде тогаш ќе може да се реши се што е недомаќински направено во овој дел,а на граѓаните да им се понудат убавините, појасни заменик министерот Макрадули.

Инаку, асфалтен пат до Пешти во должина од 2,6 км вреден 15 милиони денари изграден со финансиска поддршка на Владата преку Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието и руралниот развој.

Тој најави дека доколку МВР им даде согласност патот наутро и навечер да биде за возила, а во текот на денот да биде велосипедска патека која ќе биде атрактивна за велешани и туристите, а со исклучок на возила за Брза помош на полицијата и на пожарната.

Пешти е клисура на реката Бабуна на јужниот излез од Велес на 5 километри од устието на реката Бабуна во реката Вардар. Долга е 430 метри,а името го добила поради 100 тината помали и поголеми пештери,во кои се откриени фосилни остатоци од цицачи стари од 70 илјади до 10 илјади години пред нашата ера. Во Маркова пештера има зачувани остатоци од ранохристијанска црква.

Порано во овој предел високи над карпите кружеше и белоглавиот орел заштитен со закон, а кој последниве години е целосно исчезнат од Пешти.