Откупот на тутунот во Струмичкиот регион се одвива нормално и со предвидената динамика и досега се откупени 90 отсто од договорените количини, а постигната моментна просечна откупна цена изнесува 225 денари за килограм што е за 15 денари повисока од лани, информира Марјан Трајков од Здружението на тутунопроизводители „Басмак“ од Василево.
Очекува до крајот на откупната сезона, која законски завршува на 15 март, да се откупат и преостанатите количини тутун од ланската реколта.
-Очекувавме дека ќе има послаб род во споредба со 2018 година, но топлите есенски денови им овозможија на тутунарите да го соберат тутунот од нивите и затоа повторно имаме околу 2,5 милиони килограми тутун, додава Трајков.
Според него, одделни проблеми кои се појавија пред извесно време со откупот на тутунот се должат на несоодветното сортирање и мешање на класите од страна на тутунопроизводителите, но сега овие проблеми се надминати и откупот продолжи непречено.
На крајот рече дека со досега постигната просечна откупна цена од 225 денари се оствариле предвидувањата на „Басмак“ дека заедно со субвенциите тутунарите може да добијат и до 300 денари за предаден килограм тутун.
Лани тутунот беше засаден во Струмичко на површина од околу 1.200 хектари. Од петте компании кои вршат откуп во овој дел од државата беа пополнети околу 2.400 евидентни листови од страна на тутунопроизводителите.