Пленковиќ очекува деблокирање на стартот на преговорите со Скопје и Тирана

Хрватска на самитот во Загреб во мај годинава ќе посвети особено внимание на деблокирање на почеток на пристапните преговори со С. Македонија и Албанија, изјави денеска хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, претставувајќи ги приоритетите на хрватското претседателство со ЕУ, на состанокот на претседателите на комисиите за европски прашања на парламентите на земјите членки на ЕУ.

На Самитот во Загреб, Пленковиќ изјави дека особено внимание ќе биде посветено на деблокирање на ситуацијата во која се С. Македонија и Албанија на Европскиот совет во октомври.

– Отвореноста на Европа, како во 90-тите години, никогаш повеќе нема да се повтори. Сега имаме внимателно дизајниран процес на проширување, изјави Пленковиќ.

Хрватскиот премиер, посочи дека „не е фер“ што С. Македонија е „на чекање“ за отворање на пристапните преговори и по промената на името и уставот.