Младиот битолчанец Петар Атанасовски е годинешен најсреќен учесник во вековната манифестација фаќање на светиот крст во осветените води која Преспанско – пелагониската епархија ја одржа во црковниот двор на храмот „Св. Великомаченик Димитриј“ во Битола.
Меѓу педесеттемина девојки и момчиња од Битола, Петар Атанасовски беше највешт во водите на црковниот базен и го извади Светиот крст што го фрли митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски г. Петар.
– Со Божји благослов, тој што го извади крстот од водите по осветувањето е момчето кое утрово присуствуваше на Божествената литургија и затоа препорачувам до сите што учествуваат во манифестацијата за фаќање на крстот, најнапред да учествуваат на утринска литургија. Оваа година на Богојавление – Водици најсреќен е Петар Атанасовски, истакна митрополитот г. Петар и го даруваше младиот Атанасовски.
Според востановената традиција, свештеници на Преспанско – пелагониската епархија богослужеа во повеќе пелагониски цркви и ја одржаа манифестацијата фаќање на Светиот крст.