Царовска: Tенденција на Владата е да се создаде соодветен концепт на дуално образованиe

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања, Мила Царовска, министерот за образование и наука, Арбер Адеми и дополнителната заменска министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ на работна средба во Владата, разговараа за различни аспекти поврзани со концептот на дуално образование, со претставници на германската и швајцарската амбасада, претставници на делегацијата на германското стопанство, како и претставници на компании и училишта во кои се спроведува пилот проектот за дуално образование.

Како што соопшти Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања Царовска, во нејзиниот говор таа посочила дека концептот на дуално образование, во моментов се спроведува како пилот проект во седум стручни средни училишта со учество на 11 домашни и странски компании, со вкупно вклучени 258 ученици. Според Царовска, тоа е концепт којшто би се применувал на територијата на целата држава.

Концептот на дуално образование треба да биде прилагоден на реалните состојби во Република С. Македонија и треба да одговори на потребите на пазарот на трудот, а за тоа ќе бидат потребни измени и дополнувања во повеќе закони и подзаконски акти. Соработката со компаниите и училиштата коишто веќе се вклучени во пилот проектот за дуално образование, кој се спроведува во соработка со Делегацијата на германското стопанство во С. Македонија, ќе биде од клучна важност за креирање на најсоодветно решение за креирање на концепт на дуално образование со кој би се постигна максимален ефект, при што би се задоволиле потребите на стопанството за создавање на квалитетен и добро обучен кадар за развојот на стопанството и економијата генерално, заклучи вицепремиерката Царовска.

Министерот за образование Адеми, потенцираше дека афирмацијата на стручното образование и промоцијата на концептот на дуално образование се врвен приоритет за Министерството и Владата.

Во соопштението се наведува дека министер Адеми, додал оти концептот на дуално образование започна да се спроведува во учебната 2017-2018 година, кога беа запишани 33 ученици, а дека во секоја наредна учебна година овој број се зголемува, за во 2019-2020 веќе има запишано околу 250 деца.

Министерството за образование и наука, како поддршка на овој концепт, во изминатиот период работеше на изработка на соодветни наставни програми, пришто се креирани 100 нови наставни програми за две и три годишните струки, како и околу 1.000 нови наставни програми за четиргодишното стручно образование. Притоа, фокусот е многу повеќе ставен на практичната настава, која сега изнесува околу 26 отсто од вкупната настава, за разлика од минатото, кога праксата била застапена само со 11 проценти во вкупната настава, истакна Адеми.

Дополнителната заменска министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ, рече дека усогласување на пазарот на трудот со вештините е еден од најважните приоритети на Министерството, за да се надмине јазот на побарувачката и понудата на работна сила на пазарот на трудот. Таа нагласи дека во изминатите две и пол години Министерството и Владата активно работеа на оваа тема.

Оперативниот план на програми и мерки за вработување, според Шкријељ, е изработен во консултација и за потребите на стопанството, а го издвои и усвојувањето на Законот за практиканство, како добар пример за овозможување на добивање на практично искуство на младите луѓе во компаниите.

Воедно на овој состанок беа пренесени позитивните искуства и предизвиците со кои се соочуваат компаниите и средните училишта вклучени во пилот проектот, при што сите присутни се согласија дека е потребен сеопфатен и инклузивен пристап на сите страни за креирање на најсоодветно решение за дуално образование, кое би одговарало на сите вклучени страни.

Заменик амбасадорите на Германија и на Швајцарија, Ото Граф и Стефан Томаџан и директорот на делегацијата на германското стопанство Патрик Мертенс, кои даваат поддршка на пилот проектот за дуално образование, во дискусиите за време на средбата искажаа подготвеност и волја за натамошна поддршка во процесот на креирање на соодветен концепт на дуално образование, пред се за развојот на стопанството, економскиот раст и генералниот развој на Република С. Македонија.